(ВИДЕО) Воздухот во континуитет загаден – надлежните изгубени во маглата

во категорија Видео вести/Македонија од

Мерните единици повторно покажуваат дека воздухот и денеска е многу загаден во земјава, особено во делови во Скопје, а надлежните како да се изгубија во магла.

Иако ветуваа голем број на мерки пред изборите, а и потоа, сепак нивната реализација се сведе само на минимум.Наместо со преземање на долгорочни мерки за намалување на загаденоста, град Скопје стартуваше со краткорочни, и тоа со мерката за чистење на улиците во секоја општина на градот Скопје, која стартуваше овој четврток.

Елена Бошковска Крстевска

Мерка, која според еколозите, минимално ќе влијае за намалување на загадениот воздух.
Од Министерството за животна средина пак, на работен состанок бил усвоен механизам за итно делување во случај на алармантна состојба со квалитет на воздух. На состанокот биле усвоени и предлог измените на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови за алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини за толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.

Сепак, еколозите велат дека крајно време е сите мерки кои се на хартија, да почнат да се спроведуваат и на терен затоа што состојбата со загадениот воздух во делови во Скопје и Македонија, е алармантна.

Од Еко свест, центарот за истражување и информирање за животната средина велат дека покрај веќе предвидените мерки, треба да се дополнат и решенија во неколку сектори како што се сообраќај и сообраќајна инфраструктура, градежен сектор и индустрија, домаќинства и јавен сектор.

Дел од мерките кои ги предлагаат се воспоставување на нови линии во јавниот превоз, ограничување на сообраќајот и паркирањето во централното градско подрачје, овозможување на субвенции за набавка на електрични возила, градење на функционална мрежа на велосипедски патеки низ целиот град.

Потоа привремено запирање со градежни работи кои емитуваат прашина во денови со високо аерозагадување и изработка на економска проценка на зголемените здравствени трошоци за работниците кои работат во надворешни услови на високо аерозагадување. Задолжително приклучување на топловодната мрежа за сите новоизградени објекти за кои тоа е технички можно и задолжување на претпријатието надлежно за топловодната мрежа да овозможи поволна цена за приклучување, евидирање на дозволите на сите мали погони во Скопска котлина и проверка на терен проследена со соодветни казни.

Една од мерките според Еко свест треба да се однесува и на постојан инспекциски надзор во три смени со можност на носење инспектори од други градови, дислокација на Клинички центар на периферијата на Скопје во близина на обиколницата. Олеснување на промената на модалитетот на загревање на домаќинствата кои користат огревно дрво, нафта или друго цврсто гориво преку формирање на Фонд за енергетска ефикасност достапен за граѓаните и субвенции на почисти алтернативи вклучително печки на пелети, фотоволтаични панели, топлотни пумпи.

Меѓу другото, еколозите апелираат и итно позеленување на градот со возрасни дрвја.
Загадувањето на воздухот, според еколозите од Еко свест може да намали единствено со заедничка акција на сите вклучени – граѓаните, надлежните институции и индустријата. Само со преземање на сите мерки паралелно и со истовремено вложување на значителен напор и од страна на граѓаните можеме да очекуваме подобрување на ситуацијата.

Според нив, во моментов е очигледно дека постои политичка волја и амбиција за решавање на проблемот со аерозагадувањето. Оттаму посочуваат дека во повеќе наврати граѓанскиот сектор реагираше дека за да се реши овој проблем потребно е да се подобри комуникацијата и координацијата помеѓу институциите од сите засегнати сектори.

Еколозите очекуваат во наредниот период предложените мерки да ги видиме спроведени од страна на институциите, но и од друга страна граѓаните да го дадат својот максимум за намалување на аерозагадувањето во градот. Инаку, според статистиките, најголеми загадувачи се домаќинствата кои со несоодветниот начин на загревање учествуваат со 70%, потоа 20% е ефектот од сообраќајот и 10% од индустријата.

 

Leave a Reply