(Ексклузивно) Претседателот на Косово, Хашим Тачи: Охридскиот договор – гаранција за еднаквост и правда

во категорија Македонија/Регион од

Како Претседател на Косово, ќе продолжи да работи и да промовира дијалог, соработка и добрососедски односи и интеграција на целиот регион во НАТО и ЕУ, како гаранција за мир и одржлив стабилитет на земјите од регионот.

1.Денеска навршуваат 16 години од потпишувањето на Охридскиот договор. Кој е Вашиот став како Претседател на Косово, кога станува збор за овој документ?
Охридскиот договор е резултат од една заложба за еднаквост и правда. Резултат на дијалог и стремеж на сите за долгорочен и одржлив стабилитет. Спроведувањето на договорот, ги зајакнува темелите на Македонија и придонесува за зајакнување на социјалната и етничката кохезија во Македонија. Позитивните настани во Македонија имаат влијание и врз целиот регион. Охридскиот договор, духот кој го промовира и успехот при неговата имплементација, позитивно се одразуваат на целиот регион и пошироко.

2.Дали сметате дека е можно да продолжи старата политика, која на некој начин беше ригидна кон барањата на Албанците? Што очекувате од премиерот Зоран Заев, во однос на спроведувањето на Охридскиот договор, откако неодамна Владата го усвои Законот за јазици?
Земјите од Југоисточна Европа се мултиетнички држави. Добрососедските и меѓуетничките односни се иднината на регионот. Политичките случувања во регионот покажуваат дека политичките лидери, но и општеството во целина, се одлучни за дијалог, соработка и добрососедски односи. Изградени се регионални механизми кои овозможуваат регионална соработка, како во областа на економијата, така и во политиката, како што се ПСЈИЕ и ЦЕФТА, но и А5 и Берлинскиот процес.
Владите на земјите од Југоисточна Европа се залагаат за продлабочување на соработката и интеграција во семејството на ЕУ, со цел да ги промовираат истите вредности кои денеска ги претставува Европската унија. Ова е дестинацијата на целиот регион и рамката на вредности и принципи, што денес треба да ги промовира секој политички лидер од регионот.

3.Според Вас, кои се најголемите достигнувања и застои на Охридскиот документ и која би била Вашата порака до албанските лидери во Македонија?
Секогаш поголем предизвик претставува спроведувањето на договорите, отколку нивното постигнување. Охридскиот рамковен договор е спроведен мудро, трпеливо, со соработка и конструктивност. Ова се особините кои треба да ги има секој лидер, кој на прво место ги става интересите на заедницата и општеството во кое живее.

4. Која треба да биде улогата на Приштина во врска со правата на Албанците во Македонија? Каква важност би му дале Вие како Претседател на Косово?
Косово и Македонија имаат силни политички, институционални, но и културни врски, дури и голем број наши граѓани имаат семејни врски. Градејќи слободни општества, каде владее правото, каде има економски напредок, им помагаме на нашите држави, но и на целиот регион. Како Претседател на Косово, ќе продолжам да работам и да ги промовирам дијалогот, соработката, добрососедските односи и целосната интеграција на нашиот регион во НАТО и ЕУ, како гаранција за мирот и одржливата стабилност на целиот наш регион.

5. Како ги оценувате настаните во регионот?
Во повеќето од земјите во Југоисточна Европа последната година имаше избори. На сите овие избори преовладуваа политичките сили кои промовираат евроатлански вредности. Можам да кажам дека трендот на политички настани во регионот е таков да промовира дијалог, интеграции, стабилност и соработка. Ова го поддржуваат, а всушност го бараат и граѓаните во нашиот регион.

6. А во Косово?
 И во Косово успешно го завршивме изборниот процес. На изборите учествуваа сите заедници. Сега се очекува да биде основана новата влада која ќе ги продолжи реформите што успешно ги спроведуваме, било во економијата, било во полето на владеењето на правото, или пак при создавањето на демократски институции. Следната година Косово ја одбележува првата деценија како држава. Со неполна деценија од прогласувањето на независноста успеавме да го потпишеме Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија и бевме прифатени како земја-кандидат во „Милениум Челинџ Корпорејшн“ на Американскиот конгрес. Ова најдобро говори за успехот на реформите во Косово. Несомнено дека нашето патешествие како нова држава пред себе имаше предизвици и сигурно дека ќе се соочиме и со многу други предизвици. Но, она што може да го кажеме со сигурност е дека сме на вистинскиот пат. Со мудрост и трпение, кои докажавме дека ги поседуваме, ќе ја оствариме и нашата следна аспирација – нашата држава да стане членка на НАТО и ЕУ.

 

КРЕНАР САДИКУ

 

Leave a Reply