ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА НА ЕДВАРД ОЛБИ: УНИШТЕТЕ МИ ГИ ДЕЛАТА!

во категорија Култура од

Десетмина се на стартот, трчаат на 100 метри за две екипи, секој е на својата патека. И сè е нормално, освен што овде победува оној кој трката ќе ја заврши на петтото место. Како тоа функционира? Маалски тагови: на сец, цапање.

Постхумната желба на славниот американски писател Едвард Олби е двајца негови пријатели да ги уништат сите недовршени ракописи кои ги има оставено. Ова барање е дел од неговиот тестамент, и иако е невообичаено, не е без преседан. Дури постои и посебен правен термин за ваквите инструкции – „контрола на мртва рака“ (dead hand control). Иако нивното безусловно исполнување чисто правно може да се спори, таква последна желба имале повеќемина уметници низ историјата, како Франц Кафка (за среќа неисполнета од неговиот пријател Макс Брод) и Адам Јауч од Бисти Бојс (последниов, како што пишувавме тука, остави инструкции неговата музика да не смее да се користи во реклами).

Како што известува Њујорк Тајмс, сметководителот Арнолд Торен и дизајнерот Вилијам Кац, обајцата долгогодишни пријатели на драматургот, кои би требало да бидат извршители на неговата последна желба, до сега немаат дадено изјава и не коментирале дали некои од материјалите се веќе уништени.

Сепак, дел од барањата во тестаментот се исполнети. Така, на аукција во Сотби веќе се продадени над 100 уметнички дела собрани од Олби, а средствата, кои се проценуваат на над 9 милиони долари, ќе одат за неговата фондација која помага уметници (Олби беше геј, никогаш не стапи во брак, нема деца ниту блиски роднини).

Доколку се испочитува и оној дел за уништувањето на недовршените ракописи, тогаш под ризик се скиците за последната позната драма на Олби, „Несејќи јајце“, за средовечна жена која се обидува да остане бремена. Драмата на два пати беше ставана на распоред за проби во непрофитниот, оф-Бродвеј театар Сигначр, но исто така два пати текстот беше повлекуван од авторот, со образложение дека „не е готов“.

Олби е најпознат по „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, драма од 1962 која беше филмувана со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги (кој не ја гледал верзијата во МНТ со Сенко Велинов и Весна Петрушевска многу пропуштил). Има добиено Пулицер три пати, два пати в раце ја држел наградата Тони, а истата награда ја има добиено и за животно дело. И во текот на кариерата бил познат по тоа што вршел строга контрола врз материјалите кои биле достапни на јавноста. Оттаму, повеќето негови колеги и пријатели ја поддржуваат неговата желба, и сметаат дека скиците и недовршените дела генерално не се јавна сопственост, туку му припаѓаат на авторот. Едноставно, уметникот има право, ако веќе не можел да контролира дали ќе живее доволно долго за да доврши одредено дело, барем да го заштити од погрешни интерпретации на оние кои најверојатно би се занимавале со него само за да исцедат нешто од постхумната слава на неговиот автор.