Крајот на играта

во категорија Македонија од

Може ли, смее ли да се молчи во вакви моменти кога градскиот ,,татко“ , а без сомнение татко насилник, заедно со својата банда насилници и збирштина од подлизурковци им се посмеваат на законите и на чесните граѓани в лице. Се шегачат со образованието, една толку суптилна, толку чувствителна и, пред се, многу важна дејност за заедницата, за општеството покажувајќи отворено дека до доброто на заедницата, до доброто на граѓаните им е колку до ланскиот снег.Навидум, се е јасно, чесно и согласно законот.

Училишниот одбор, како највисок орган на управување во училиштата, донесува одлука за распишување оглас (конкурс) за директор. И што е тука спорно? Па, повеќе од јасна е намерата одново да се протуркаат оние кои, заедно со разни Коцевци и Спировци, со години газеа по образованието и потсмевајќи му се, направија од него ,,стока“ за трговија. Тоа се (не)луѓе кои немаат капацитет да сфатат дека училиштата од Скопје не се на Коце, дека и училиштата и Коце и целата градска администрација живее од даночните обврзници, од НАС, од ГРАЃАНИТЕ на Скопје.

Тоа се (не)луѓе кои промовираа нееднаквост, подвоеност и насилство како вредност. (Сами се фалеа со своите постви и Фејсбук статуси). (Не)луѓе кои учествуваа, и тоа сосема свесно, во ,, крвавиот четврток “ горди дека биле ,, големи “ патриоти, а не знаат дека зборот патриот знчи ЉУБОВ и дека само во нивните болни умови љубовта може да се поврзува со насилство и садистичко изживување.(На пример снимките со директорката на Гимназијата ,,Орце Николов “) . На такви ли треба да им го препуштиме воспитанието на нашата млада популација. Гласот за вакви директори е глас за садо-мазохистичко образование, глас за болно општество. И каде продолжува играта на измами и лицемерие?

Директно во Училишните одбори составени, претежно, ако не и целосно, од корумпирани и инструирани членови. Зашто, што се , ако не корумпирани наставници кои ,, половина “ година ги нема во училиштето, а сепак, речиси сите часови им се одржани, наставници кои за време на редовната настава си водат приватни бизниси, а не се ниту опоменувани, а камо ли нешто повеќе, наставници на кои „семоќната“ партија им ветила вработување на нивните деца. (Еј, „интелектуалци“, правото на работа е едно од основните човекови права!) Што се ако не инструирани родители кои се „грижат“ за успехот (знаењето е помалку важно) на своите деца заборавајќи дека токму овие директори ги гонеа, уценуваа и „кршеа“ учениците кога ја бојкотираа наставата борејќи се против срамниот, понижувачки и пропаднат проект на претходната влада наречен екстерно.

Добро, си ги сакате децата, си ја сакате партијата, но и Мартин Нешковски си ја сакаше. Си ја сакаше и она момче кое со својот мотор наиде на местото каде што на некој си Урко му се присакало да сврти .(Простете ми што Ве споменувам). И Качуловска си ја сакаше, (добро, нејзе некои такви ,, загрижени “ родители и го трасирале патот).

Тоа ли сакате да го направите од вашите деца? Вашето лицемерие родители е уште поголемо кога се знае дека не сте одржале состаноци со Родителските совети што ги претставувате и така директно учествувате во измамата. Тоа ли е светлиот пример, сопствените деца да ги направите безлични, безр`бетни марионети? Е затоа оваа игра и се спроведува во екот на летниот распуст кога Родителските совети, реално, не можат да функционираат.Токму затоа ова е срамна игра што неминовно ве води кон пораз. Додека им се потсмевате и ги попречувате реформите, и се потсмевате на ЧОВЕЧНОСТА. Токму таа е вашиот пораз. Коцевци, Јованки, Сашовци, Сунчици, Јоцовци, Драгици и останати подлизурковци кога гледаат „угоре“ и насилници кога гледаат „удолу“ и да ги остварите вашите гнасни игри, сите вие сте минато и не можете да запрете напливот на СЛОБОДАТА!

Професор Душко Стојановски