Ќе поскапи таксата за судиите во младинските лиги

во категоријата Спорт

Новото раководство на нашата „куќа на федерацијата“ во сезоната која следи ќе ги исполни сите најавени точки во програмата, но и ќе направи мали измени кога станува збор за судиите во младинските лиги.

Добро е познато дека во моментов бројот на млади арбитри е многу мал, а главна цел на КФСМ е да создаде соодветни услови. Еден од чекорите ќе биде зголемување на таксата која претходно изнесуваше 200 денари, сума која во денешно време не ги покрива трошоците на официјалните лица задолжени за делење на правдата во младинските лиги, а уште помалку пак е мотивирачка за сите оние кои имаат желба да бидат кошаркарски судии.

„Имаме проблем со судиите, поточно со млади и нови судии. Нормално е дека никој не сака да се приклучи кога таксата е 200 денари. Со овие пари не можат да ги покријат трошоците, патните, а уште помалку да си купат еден сендвич. Токму затоа таксата ќе биде зголемена, мора да најдеме начин да ги мотивираме сите оние млади кои сакаат да влезат во ова друштво“, велат од КФСМ за „СПОРТМЕДИА“.

Секако тимовите во младинските лиги ќе имаат олеснување, се укинува котизацијата како што беше најавено, одредена сума ќе плаќаат само оние екипи кои во една лига ќе имаат пријавено два учесника.

Извор: https://sportmedia.mk/