Хрватско МНР: „Неприфатлива изјавата на Вучиќ за случувањата на почетокот на 1990-тите“

во категоријата Свет

ЗАГРЕБ (АА) – Министерството за надворешни и европски прашања на Република Хрватска ја отфрли изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, за оправданоста на вооружениот бунт во Република Хрватска во раните 1990 години, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска ја оценува за крајно неприфатлива вчерашната изјава на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со која го оправдува вооружениот бунт против хрватските власти со цел рушење на уставно-правниот поредок во раните 1990“, се наведува во соопштението на Министерството.

Се додава дека Република Хрватска „го отфрла ваквиот обид за релативизација на одговорноста на Србија за предизвикување вооружен судир и агресија на хрватското државно подрачје, што е резултат на големосрпската политика на Слободан Милошевиќ“.

Се наведува дека за тоа јасно говорат бројни релевантни резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите нации, пресудите на Хашкиот трибунал, како и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во случајот на хрватската тужба за геноцид и српската противтужба.

„Токму претензиите за мешање во внатрешните работи на соседна земја ја прават фундаменталната разлика помеѓу хрватската и српската политика, која не е од вчера. Наспроти ваквите српски обиди, Хрватска е заинтересирана за стабилноста на своето соседство и отворена за пренесување на сопствените искуства на неговиот пат кон Европската Унија“, се наведува во соопштението.

Порачаа и дека не дозволуваат непочитување на фактот дека „Република Хрватска е суверена и самостојна држава, создадена од демократски изразената волја на народот и одбранета во наметнатата војна, која сака да развива хармонични добрососедски односи со сите соседни држави“.

„Република Хрватска гарантира највисоко ниво на заштита на правата од националните малцинства и гради толерантно и инклузивно општество кое се темели на владеењето на правото и довербата меѓу граѓаните. Наместо да манипулира со фактите, Хрватска ја повикува Србија, согласно преземените обврски, да ја унапреди состојбата на хрватското национално малцинство во Република Србија и да ја напушти реториката што ги оживува поразените проекти и им штети на односите меѓу двете соседни земји“, се заклучува во соопштението.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/