Хоџа: На пописот да има графа за националноста

во категоријата Бизнис

Во пописот на населението и домаќинствата кој е најавен дека ќе се спроведе во 2020 година треба да има и графа за националност. Освен тоа, потребно е и да се спроведат ефикасни реформи во администрацијата, да се зголеми капацитетот на институциите, да се забрза реализацијата на капиталните инвестиции, да не се носат закони без консултација на бизнисот. Ова се дел од барањата на бизнисмените од Стопанската комора на северозападна Македонија. Бараат поголема експедитивност од владиниот економски тим за подобрување на деловната клима.

„Ја оценуваме позитивно целта на владата за да се изврши попис на населението во Македонија, но ние бараме категоријата за попис на националноста да биде негов составен дел бидејќи културниот аспект е многу важен за пристапот кон потрошувачите“, рече Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.

Од оваа комора велат дека иако е долгогодишно барање на бизнисот – и следната година нема да се решат инфраструктурните проблеми на над 270 компании кои работат во зоната во Визбегово. Оваа зона учествува со околу 3,4% во вкупниот Бруто-домашен производ, а фирмите кои работат таму имаат околу 2.700 вработени.

„Загрижувачки за нас е тоа што во Буџетот за 2019 година за зоната во Визбегово се предвидени само еден милион евра за канализација и водоснабдување“, додава Хоџа.

Во однос на планираниот економски раст од 2,8 проценти годинава, оценка на комората е дека тоа е можно ако реализацијата на капиталните инвестиции е над 80 проценти. Комората бара од владата реални, а не фиктивни инвестиции во регионален развој, а идејата дисперзија на централната власт низ повеќе градови, според нив е целосно лош концепт.

Александра Спасевска

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk/