„Халкбанк” организираше ифтар во Скопје

во категоријата Свет

СКОПЈЕ (АА) – „Халкбанк“ вечерва во Скопје организираше ифтар на кој присуствуваа претставници на државниот врв, како и бројни личности од јавниот живот. Во рамките на ифтарската програма се обрати претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски кој истакна дека во светот ксенофобијата и исламофобијата се во пораст, како и дека Северна Македонија нема да отстапи од традицијата на соживот и почитување на различностите, јавува Anadolu Agency (AA).

На вечерашниот ифтар присуствуваше претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, поглаварот на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија (ИВЗ), Реис-ул-улема Сулејман Реџепи, генералниот директор на „Халкбанк” од Турција, Осман Арслан, главниот извршен директор на „Халкбанк АД Скопје“, Билал Суџубаши, министри, пратеници, претседателите на турските партии, претставници на турските институции и организации во земјата, бизнисмени и голем број на поканети гости.

Во своето обраќање за време на ифтарската програма претседателот Пендаровски порача дека Северна Македонија нема да отстапи од најголемата вредност, а тоа е традицијата на соживот и почитување на различностите.

„Во овие турбулентни времиња кога за жал на многу места во светот ксенофобијата и исламофобијата се во пораст, ние во Република Северна Македонија не отстапуваме од нашата најголема вредност, а тоа е традицијата на соживот и почитување на различности. Оваа придобивка многу јасно покажува дека живееме според европските принципи и дека местото на Северна Република Македонија е во рамките на европското семејство на нации и држави”, нагласи Пендаровски.

Тој истакна дека неговиот приоритет како претседател на Северна Македонија е да придонесе кон граѓанско помирување, тоа подразбира „да живееме заедно со најдлабоките политички разлики онака како што знаеме да живееме со најдлабоки верски и етнички разлики.”

Претседателот Пендаровски, исто така, осврнувајќи се на односите помеѓу Турција и Северна Македонија рече дека во светот не постои поблиску пријателство од пријателството меѓу Турција и Северна Македонија.

„Јас сум апсолутно убеден дека во светот не постои поблиско пријателство, дури и братство од она што постои меѓу нашите две држави и нашите два народи, но ако постои и најмала можност таа перфектна блискост да биде уште подобра јас ви гарантирам дека ќе направам се тоа да биде така”, нагласи претседателот Пендаровски. 

Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, истакна дека секогаш посакува доброто пријателство помеѓу Турција и Северна Македонија да продолжи и во наредниот период. 

„Ние имаме желба. Ние секогаш го сакаме ова. Турција и Северна Македонија изградија многу убав мост. Меѓу двете земји се создаде добро пријателство. И тоа продолжи низ историјата. Во наши раце е тоа пријателство да продолжи и во периодот кој е пред нас. Ние велиме, ајде заедно, да направиме се, за да ги развиеме овие општества”, рече амбасадорката Тулин Еркал Кара. 

Генералниот директор на „Халкбанк”, Осман Арслан, во говорот кој го одржа истакнувајќи дека Халкбанк оваа година прославува 81 година од своето постоење рече дека во поглед на вкупната актива е трета банка, а според обемот на готовински кредити о депозити е втора банка во Турција. 

„Халкбанк АД Скопје која за кратко време стана најбрзорастечка банка и четврта најголема банка, истовремено го зголеми бројот на модерни и технолошки опремени филијали низ државата, од 21 на 41 филијала. Заклучно со првиот квартал на 2019 година нашата банка продолжува со своите активности во Северна Македонија со вкупно 540 вработени”, нагласи Арслан. 

Главниот извршен директор на „Халкбанк АД Скопје“, Билал Суџубаши, истакна дека Халкбанк покрај иновациите и трендовите во банкарството се стреми да биде втор дом на клиентите каде ќе се почувствува топлината на една насмевка и на еден разговор исполнет со почит и љубезност.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/