(ФОТО + ВИДЕО) Немири во Париз поради пензиските реформи, стотици уапсени

1 min read

Протестите избија откако француската влада одлучи да ја спроведе најважната реформа на претседателот Емануел Макрон, која предвидува постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години

ФОТО: EPA-EFE/YOAN VALAT

Француската полиција се судри со демонстрантите во Париз откако француската влада ги усвои пензиските реформи без гласање во парламентот. Полицијата, синоќа за време на протестите, привела 217 лица, објавија француските медиуми.

Медиумите пренесуваат дека лицата се уапсени додека избувнале немири во центарот на Париз, во близина на Долниот дом на парламентот.

Според медиумите, полицијата употребила водени топови и солзавец. Демонстрантите фрлале предмети кон полицајците. На протестот имало околу 6 000 противници на пензиската реформа.

Француската влада одлучи да ја спроведе најважната реформа на претседателот Емануел Макрон, која предвидува постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Во процедурата владата го заобиколи Долниот дом на парламентот, Националното собрание, каде резултатот од гласањето беше на прагот за донесување одлука. Премиерката Елизабет Борн се повика на член од уставот кој ѝ овозможува на владата да избегне гласање во парламентот. Одлуката беше донесена неколку минути пред да почне гласањето за законот бидејќи немало гаранции дека ќе се обезбеди доволен број гласови.

Овој потег предизвика гнев меѓу опозициските политичари, па лидерката на крајната десница Марин Ле Пен најави дека ќе поднесе барање да се гласа за доверба на Владата. 

Протести избија и во други француски градови, а синдикатите повикаа на нов национален ден на штрајкови и протести кои ќе се одржат на 23 март.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Марко Верати си заминува од ПСЖ?

Следно

Над 400 загинати во циклонот „Фреди“ во Малави, Мозамбик и Мадагаскар

Latest from Blog