Укината поддршката за „Киненова“, реакции и од други филмски фестивали по конкурсните резултати

во категоријата Култура

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“  реагира на целосно укинатата финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РМ која пред неколку дена ги објави резултатите од конкурсот за финансирање фестивали. Организаторите на фестивалот тврдат дека дури и ги надминуваат предвидените критериуми за разлика од некои други фестивали што добиле пари за 2019 година,а кои, како што се посочува во реакцијата, немаат вистинска филмска профилација.

Од „Киненова“, фестивал што е фокусиран на дебитантски филм и имаше три успешни изданија, сметаат дека Агенцијата за филм, а претходно и Комисијата за култура на Град Скопје, со неподдржувањето сакаат „да го погазат и неправедно и тенденциозно да го девалвираат трудот на голем број филмски професионалци од земјата и од странство“ кои стојат зад фестивалот и сметаат дека се работи за „систематски и смислен институционален бојкот на фестивалот и укинивање на слободата на уметничко изразување и искажување слободен уметнички и ангажиран став“.

-Укинувањето на финансиите на МФФ „Киненова“ за 2019 година следуваат по силните притисоци и официјалниот обид за цензура кои ги вршеа Министерството за култура и Агенцијата за филм врз јавноста и организацијата на фестивалот поради цврстата одлука која ја донесе Управниот одбор на фестивалот да го прикаже деби-филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи на отворањето на изданието во 2018 година. Ова ни дава за право да се сомневаме дека домашните институции, особено Агенцијата за филм и Министерството за култура како најповикани сакаат да ја спречат „Киненова“ како независна институција која има свој слободно изграден став и одлучува самосвојно, врз основа на високоизградените филмски критериуми во однос на филмската уметност, пишува во реакцијата на „Киненова“.

По објавата на резултатите од конкурсот деновиве се огласи и Фестивалот на европски филм  „Синедејс“, што по 17 години успешна организација повторно доби намален буџет од 3.000.000 денари. Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар – организаторот на „Синедејс“, изјави дека не очекувале повторно, како и за 2018 година, да имаат скратен буџет и дека по многу вложен труд и посветеност таа одлука ги демотивира и се прашуваат дали воопшто на државата ѝ е потребен  „Синедејс“.

Според конкурсните резултати, финансиска поддршка во 2019 година од Агенцијата за филм добиваат 18 фестивали.  Највисоката сума е 9.500.000 денари за Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а најнискиот износ е 75.000 денари за Меѓународниот фестивал на етнографски филм „Етнофф“.

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Извор: https://1tv.mk/