„Туја“ на Ермис Лафазановски национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“

во категоријата Култура

Книгата „Туја“ од реномираниот македонски писател Ермис Лафазановски ќе биде националниот претставник за меѓународната книжевна награда  „Балканика 2018“.

На конкурсот, до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа уште шест книги:  „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, „Океан од слики (раскази и каприча)“ на Томислав Османли, „Земја на бегалците“ од Кица Барџиева Колбе,  „Диссомнии“ од Игор Станојоски, „Божја честичка“ од Глигор Стојковски и „Последното име на иднината“ од Живко Гроздановски, од кои три влегоа во потесен избор.

Како што велат од „Магор“, „Туја“ на Лафазановски е потврда за виталноста и слоевитоста на хуморот, не само како допадливо четиво за разонода и уживање, туку, уште повеќе, како критичко орудие за искажување на моќен, бунтовен став против изобличувањето на човечките односи и бесрамно изместените социо-културни вредности.

-Најновата збирка раскази на Ермис Лафазановски едновремено означува континуитет на неговата, веќе препознатлива, наративна постапка, но и чекор понатаму кон самосвојната, автентична иновација и бескомпромисен експеримент во рамките на раскажувачката постапка и оригиналните реторичко-стилски решенија. Расказите се напишани во духот на една шармантно разиграна поетика (во исто време, злокобно проникната и поентирана со неизбежната „кафкијанска“ нелагода); осведочена во редица апсурдни, бесмислени, парадоксални или гротескни ситуации (поточно, стапици), во кои јунаците бидуваат постепено вовлечени, со сериозни последици и несовладлива тегобност по однос на финалниот, егзистенцијален исход. Со други зборови, Лафазановски креира ликови кои се своевидни „жртви“ на запчаникот на системот, на баналната навика, на своите инстант животи, кои ги „одработуваат“ само фрагментарно и рутински, наведуваат од „Магор“.

Манифестацијата „Балканика“ годинава ќе се одржи во Букурешт, Романија, од 14 до 16 декември. Наградата ќе биде доделена од меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претесдател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од релевантни издавачки куќи од Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика е во Софија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов.

За повеќе инфо на овој линк: https://1tv.mk/category/kultura/