„Турција ќе го намали дефицитот на тековната сметка со откриените полиња на природен гас“

во категоријата Свет

ИСТАНБУЛ (АА) – Турција ќе го намали дефицитот на тековната сметка за 5 милијарди турски лири како резултат на производството на природен гас од новите полиња, соопшти денес министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез, јавува Anadolu Agency (AA).

Турција има ограничени домашни енергетски ресурси и главно зависи од скапиот увоз на енергија за нејзините потреби, што претставува најголем дел од дефицитот на тековната сметка. Земјата се обидува да открие нови извори на нафта и природен гас, а исто така во голема мера инвестира во обновливите извори на енергија како и домашниот јаглен. 

За време на церемонијата за отпочнување со работа на новите извори за природен гас во подрачјето на Силиври во Истанбул, Донмез истакна дека активностите на Турција за бушење на копно или под море ќе продолжат со цел да се зголемат можностите за домашно производство. 

Министерот официјално го одбележа почетокот со работа на полињата за природен гас Бати Селтик-1 и Бати Дегирменкој 4-5 во Истанбул, во сопственост на турската нафтена компанија „Türkiye Petrolleri“ (TPAO). 

Донмез рече дека резервите на природен гас на полињата достигнуваат до 3 милијарди метри кубни (bcm). 

„Новите бунари имаат годишен производствен капацитет од 300 милиони метри кубни, а производството е доволно за да се задоволи потрошувачката на 300.000 домаќинства за десет години“, додаде тој. 

„Ние нема да се откажеме од потрагата по природни ресурси, кои ќе ги ставиме во служба на нашата нација“, рече тој. 

– Повеќе активности за дупчења во 2019 година – 

Турскиот министер Донмез истакна дека минатата година турската нафтена компанија ТПАО издупчила 73 бунари и до 6 февруари производството на нафта на компанијата достигнало 136.000 барели дневно. 

„Целта за 2019 година е да се издупчат 139 бунари во Турција“, рече тој. 

Министерот додаде дека и државните и приватните компании работат на истражување и производство, и ги развиваат своите капацитети за постигнување на комерцијално одржливо ниво.


Извор: https://www.aa.com.tr/mk/