„Турција меѓу земјите во кои Северна Македонија ќе отвори канцеларии за привлекување инвестиции”

во категоријата Свет

СКОПЈЕ (АА) – „Наскоро во Турција, САД и Германија ќе бидат отворени три канцеларии за привлекување странски инвестиции и промоција на македонските деловни можности“, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, јавува Anadolu Agency (AA).

Во организација на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), денес во Скопје се одржа панел-дискусија на тема „Бизнис и дипломатија“. 

Пред почетокот на дискусијата со студентите, вицепремиерот задолжен за економски прашања на Северна Македонија, Анѓушев, во изјавата за медиумите порача дека македонската дипломатија полека треба да се ориентира кон бизнисот и да отвора нови перспективи. 

„Планираме на најевтин начин, а тоа е начинот преку три канцеларии кои ќе бидат во рамките на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) и ќе бидат стационирани една во централна Европа, најверојатно во Германија, којашто ќе го покрие европскиот пазар, една во САД, на источниот брег, којашто ќе го покрие американскиот континент и една веројатно во Турција, којашто треба да ги покрие Турција и Блискиот Исток“, нагласи Анѓушев.

Тој додаде дека на почетокот канцелариите ќе работат со 3 до 4 претставници, а потоа зависно од обемот на работата, ќе се размислува за евентуално проширување на тимовите. 

Анѓушев, исто така, информираше дека измените на Законот за Технолошка индустриска развојна зона (ТИРЗ) со кои треба да се овозможи отворањето на канцелариите за економска промоција на земјава, се веќе изготвени и треба да ја поминат владината процедура по што ќе бидат испратени во Парламентот. 

Исмаил Алији, советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, нагласувајќи дека Северна Македонија имаше успеси во традиционалната дипломатија, рече дека е време земјата да се фокусира на „soft power“ дипломатијата. 

„Мора да имаме нови димензии на дипломатијата како што е економската дипломатија, културната дипломатија, иако досега имавме сериозни обиди, мислам дека е време да се фокусираме на „soft power“ (дипломатијата), по сериозните прашања што ги решивме со голем успех“, нагласи Алији. 

На панел-дискусијата „Бизнис и дипломатија“ присуствуваа претседателот на Управниот одбор (УО) на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), Ајдован Адемовски, ректорот на Меѓународниот балкански универзитет, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем, директорот на „Халкбанк“ во Северна Македонија, Билал Суџубаши, студенти и претставници од бизнис-секторот.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/