„Турција бара од ЕУ заеднички да ги надминуваме препреките“

во категоријата Свет

АНКАРА (АА) – Турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција од Европската Унија бара заедно да работат на процесот на европските интеграции, вклучително и заеднички да ги надминат техничките, а особено политичките пречки, јавува Anadolu Agency (AA).

Кон средината на месец август, низ светот се одржуваат низа манифестации насловени како Европска седмица на мобилноста, а целта на програмата е развој на одржливиот градски транспорт и промовирање на употребата на алтернативни превозни средства.

Овогодишната тема е „Безбедната прошетка и возењето велосипед“, а главната парола на манифестацијата е „Ајде да шетаме заедно“.

Под покровителство на Канцеларијата за локална самоуправа при Кабинетот на турскиот претседател и во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Турција, главниот собир на Неделата на мобилноста се одржа во седиштето на Унијата на турски општини (TBB) во Анкара.

На настанот присуствуваа шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, шефот на Европската делегација во Турција, Кристијан Бергер, шефот на Канцеларијата за локална самоуправа при Кабинетот на турскиот претседател, Шукру Каратeпe, претседателката на ТББ и градоначалничка на Газиантеп, Фатма Шахин, и други официјални претставници и гости.

На отворањето на сесијата, Чавушоглу истакна дека локалните и градските власти имаат сè поголема одговорност во однос на подобрувањето на животниот стандард на луѓето и дека сè повеќе е потребен развој на пешачки и велосипедски патеки во градовите низ целиот свет.

Тој изрази задоволство што и Турција му се придружила на семејството од речиси 40 држави и над илјада градови во кои се одбележува Европската недела на мобилноста. 

„Овогодишниот слоган „Да шетаме заедно“ има двосмислено значење. Ние во процесот на интеграција во Европската Унија секогаш велиме дека треба да одиме заедно. Зборуваме заеднички да ги надминуваме тешкотиите и препреките во техничкиот, а особено во политичкиот сегмент“, рече Чавушоглу.

Тој призна дека не е вешт на велосипед, туку дека претпочита играње голф, кој е најсличен спорт со традиционалните игри што ги играл со своите врсници на ливадите како дете.

Чавушоглу рече дека за време на Неделата на мобилноста ќе се разговара за транспортот, животната средина, климатските промени, енергетската ефикасност и урбанизацијата, и додаде дека сите тие се теми кои се важни за животниот стандард на луѓето.

Турскиот шеф на дипломатијата нагласи дека соработката на Турција и ЕУ на полето на транспортот е добра и дека треба понатаму да се унапредува, и ја истакна важноста на дипломатијата на локалните заедници и практиката на збратимување и соработка, преку кои општините и градовите ги разменуваат своите искуства и знаење.

„Светот нуди голем број можности за развој. Понекогаш нè става пред различни предизвици кои стануваат проблеми и закани. Се соочуваме и со ризици кои во градовите директно влијаат на животот на граѓаните. На надминаувањето на тие проблеми најмногу работат локалните заедници“, рече Чавушоглу.

Истакнувајќи ја важноста на улогата на локалните заедници во промовирањето на толеранцијата и соживотот како одговор на ксенофобијата, расизмот и дискриминацијата, Чавушоглу рече дека непријавените мигранти претставуваат прашање кое неретко предизвикува социјални проблеми.

„Дали тие мигранти ги гледаме само во контекст на проблемите или ги гледаме како луѓе? Гледаме дека расте популарноста на партиите и политичарите кои во градовите во светот промовираат антиимигрантска политика и ги претставуваат мигрантите исклучиво како проблеми. Локалните власти имаат и голема одговорност во борбата против радикализмот“, рече Чавушоглу.

Тој понатаму потсети дека во Европската Унија и во Советот на Европа, сите често ја споменуваат неуспешната интеграција и додаде дека за успешни интеграциски процеси треба повеќе да се поддржи работата и политиката на локалните заедници.



. (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/