Туристички Охрид со „бајато“ мени во рестораните

во категоријата Економија

Без промени во гастрономска услуга и со вклучени локални производи во подготoвката на храната во угостителските објекти, Охрид и Струга не може да се надеваат на напредок во туризмот и поголем број на гости. Ова е препорака која доаѓа од експерти по туризам од земјава и странство.

Најголемиот дел од угостителските капацитети со години не нудат ништо ново. Тоа го забележуваат и странските маркетинг-менаџери, како што е и Андреа Бјеачини од Италија.

„Покрај сите вредности кои ги има градот, од преубавата природа, културата и историјата, гастрономијата можеби е еден од најважните чинители во туризмот и тоа треба да стане навика. За иднина треба да имате во предвид дека без добра гастрономија и добра кујна не можеме да очекуваме добар туризам“, рече Андреа Бјеачини-маркетинг менаџер од Италија.

Во Охрид деновиве се наоѓаат и некои познати италијански готвачи. Еден од нив е и Џорџо Дијана кој своите искуства ги сподели со сопствениците и готвачите во дел од охридските ресторани. Тој вели дека за врвно мени треба повеќе да се користат локални производи.

„Она што можев да го забележам овде е дека го имате најдобриот патлиџан во светот, сличен на оној во Сицилија. Ја имате најдобрата пастрмка и најдобриот бифтек. Но, ако тоа не е прописно приготвено ако не се искористат сите  вредности на производот, тоа е исто како да возите ферари со мотор на фијат“, вели Џорџо Дијана, Готвач од Италија.

И професорката на Факултетот за туризам во Охрид, Анѓела Василевска, вели дека Охрид треба да се работи на креирање на уникатни менија.

„Тоа е многу важно, бидејќи ако ја направиме таа врска меѓу готвачите и локалните производители на еден начин ќе нудиме она што е локално и автентично и ќе креираме уникатен туристички производ, а од друга страна ќе имаме поддршка за локалните производители што е многу важно и за економскиот развој на регионот“, рече Анѓела Василеска-професор на факултетот за туризам Охрид.

„Според туристичките експерти, потребно е значително осовременување на охридските менија во согласност со светските трендови кои наметнуваат една нова димензија во кулинарството…“, смета Константин Ѓеорѓиевски- градоначалник на Охрид.

Експертите препорачуваат дека главните готвачи треба да имаат врвни познавања за потеклото на храна која ја подготвуваат и постојано да се едуцираат и надградуваат.

Мики Трајковски

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk