Тест за алкохол и дрога за пратениците, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваат иницијативата, но не и Џафери

во категоријата Македонија

120 пратеници во Собранието да направат тест за користење наркотични средства, предлага независната пратеничка група ма ВМРО-ДПМНЕ. Тие побараа од Собранието во понеделник да се овозможат услови и лекарска екипа за да се реализира нивната иницијатива.

„8-мината независни пратеници денеска беа недостапни за новинарите, но бараат  Собранието во понеделник да овозможи услови и лекарска екипа да се спроведе ова. Истовремено предлагаат и другите политичари, актуелни функционери и претходни, административни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници да се придружат во нивната цел на граѓаните да им се даде добар пример против користење на наркотични средства“, вели репортерот на ТВ21, Зимер Јашари.

Од кабинетот на Собранискиот спикер велат дека, Џафери нема правен основ за да ја реализира иницијативата на независната пратеничка група, па затоа, не смее да постапува надвор од своите законски овластувања.

„Според Законот за безбедност и здравје при работа, член 22, став 1, работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци. Пратениците и вработените во Собранието на Република Северна Македонија, како и сите вработени лица во државата, одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба. Последниот систематски преглед се реализирал во 2017 година, а следниот редовен систематски преглед ќе се спроведе во текот на оваа година“, велат од кабинетот на претседателот на Собранието.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ветува дека ќе го расветлат случајот со пратеникот Богоевски.

Инаку, оваа реакција на опозициските пратеници уследи по објавата на анонимен профил на социјалните мрежи, каде пратеникот Павле Богоевски се слуша како нарачува наркотични супстанци. Пратеникот призна дека е негов глас, но негира дека нарачувал кокаин, туку масло од канабис за медицински цели.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: https://tv21.tv/