Тендер за соларни централи на државно земјиште

во категоријата Економија

Сите компании коишто се заинтересирани да инвестираат во електрични централи на сончева енергија на државно земјиште, имаат рок до средината на август да ги достават своите понуди. Со објавување на тендерот денеска, започна трката за доделување на државни премии за изградба на фотоволтаични електрани на државни парцели.

Тендерот се однесува за земјиште во Свети Николе и Македонски Брод со вкупна моќност од 35 мегавати. Од нив 10 мегавати се предвидени во Македонски Брод, а 25 мегавати во Свети Николе, поделени во парцели со инвестиции од еден до 10 мегавати за големи и мали инвеститори.

Струјата од 35 мегавати којашто ќе ја произведат овие фотоволтаици треба да ја покрие потрошувачката за два града со големина колку Струга. Вицепремиерот Кочо Анѓушев кој денеска пред потенцијалните инвеститори ги презентираше условите на тендерот. Парцелата ќе ја добие оној кој ќе побара најниска субвенција од државата.

„Што се однесува до инвестициите, ако земете во предвид дека само опремата за еден мегават инсталирана снага во моментот е меѓу 600 и 700 илјади евра со градежните работи, би очекувал некој инвестициски циклус од 50 милиони евра“, изјави Анѓушев.

Инвеститорите кои ќе ги добијат локациите ќе треба да подготват елаборат и основен проект за да добијат градежна дозвола. Ова е прв тендер од вкупно предвидените локации за 200 мегавати за соларни електрани ширум земјава. Од буџетот за оваа намена се предвидени по четири милиони евра годишно.

Првите количини на струја од нив се очекува во системот да бидат пуштени следната пролет. Вицепремиерот информираше и дека со ЕВН веќе е договорена цената на приклучок на мрежа кој ќе се движи меѓу 20.000 и 30.000 евра. Според пресметките, со еден мегават произведена струја може да се задоволи потрошувачката за околу 1.000 домаќинства.

Александра Спасевска

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk