СЈО обелодени детали од истрагата: „Империјата“ на Камчев и Мијалков изградена од офшор фирми, испрани милиони евра

во категоријата Македонија

Десетици фирми се дел од истрагата за случајот „Империја“, во која главни осомничени се Јордан Камчев и Сашо Мијалков. Дел од фирмите се во Македонија, а другите се офшор компании од Панама, Америка, Холандски Антили, Сејшели, Девствени острови, Велика Британија. Преку нив биле префрлани пари во македонските компании најчесто низ банки од Кипар, кои биле користени како основачки влогови, или со нив се купувале имоти, акции. Обезбедени се многу документи, докази за трансфери на пари, а има и сведоци кои проговориле како осомничените ја граделе империјата. Дел од нив се плашат да зборуваат јавно, па најверојатно ќе добијат статус на загрозени сведоци.

Докази се обезбедени од прислушуваните разговори, од посебни истражни мерки, од претресите во фирмите и домовите на осомничените и преку меѓународна правна помош од властите каде се формирани офшор фирмите.

Од СЈО брифираат дека од јуни до октомври лани под посебни истражни мерки биле Јордан Камчев и други осомничени, но Сашо Мијалков не бил слушан и следен. Интересно е дека како „таргет“ за овој случај од „бомбите“ кои ги има СЈО биле сопругата на Камчев, Ана Камчева, потоа братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и новинарката Оливера Трајковска. Преку нивните разговори со осомничените биле добиени многу траги во кој правец да се движи истрагата.

Досегашната истрага открива дека Јордан Камчев е кралот на офшорите, а заедно со неговиот некогашен пријател Сашо Мијалков кој користејќи ја моќната функција преку  македонски фирми испрале милиони евра. СЈО обезбедило докази како се испрани 2,3 милиони евра преку „Ексико“ и „Финзи“. А, се уште се утврдува како се переле парите кои влегувале и излегувале од Македонија преку фирми од Израел, Швајцарија, Америка, Бахами, Кипар. Вкупната досега детектирана сума е 10,3 милиони евра.

Читај повеќе на ИРЛ.

Извор: https://tv21.tv/