ССК не очекува долгорочни ефекти од мерките за автомобилите

во категоријата Економија

Владината мерка за субвенционирање на возила нема да даде големи резултати во борбата против загадувањето, смета бизнис заедницата. Можноста да се набавуваат и половни возила само го зголемува ризикот да се повтори истата грешка од пред десетина години, кога на македонските патишта завршија илјадници стари автомобили увезени од странство.

Претседателката на ССК Данела Арсовска смета дека најдобро би било државата да понуди безкаматни кредити за набавка на исклучиво нови автомобили. Бидејќи според Арсовска,  и возилата со „Еуро 5“ стандард  може да бидат големи загадувачи доколку имаат поминато поголема километража.

„Да им се овозможи на граѓаните со субвенционирање. Но и со обезбедување на безкаматни кредити, да можат граѓаните да си дозволат замена на  старите возила со нови кои што ќе немаат влијание ниту по животната средина и ќе бидат употребени. Во светот има вакви практики да се субвенционира, и тоа се возила кои се чисти или возила со минимални или без емисии на загадување, кои нема да вршат загадување а ќе може секој граѓани да си ги дозволи“, рече Данела Арсовска, претседател на ССК.

Од ова бизнис здружение во кое членуваат и трговците на возила, ги поздравуваат социјалните  мерки во новиот Закон за возила, но велат дека не гледаат долгорочни ефекти од оваа мерка како по нивниот бизнис така и по зачувување на животната средина. Инаку, Министерството за економија планира за оваа мерка во буџетот за 2020 година да обезбеди околу два милиони евра, но колку ќе добие од владата засега не се знае.

До септември треба да бидат готови правилниците и под законските акти кои треба да ги дефинираат и останатите детали за добивање државна помош при купување на автомобил со „Еуро 5“ стандард. Засега се предвидува, за аплицирање за субвенции за возило, ќе мора прво да се остави старо возило во овластен отпад за автомобили  од министерството за животна средина.

Потоа предаденото возило да се одјави во МВР и таму да ја предаде сообраќајната книшка. Дури потоа граѓаните треба да купат возило со „Еуро 5“ стандард, но до 12 илјади евра и со сите документи да аплицираат во министерството за економија за поврат на три илјади евра.

Иле Петревски

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk