„Спортмедиа“ интервју – Гањо: Тиквеш е најдобар на истокот; Пижон: Брегалница ќе биде прва!!!

во категоријата Спорт

Во сабота стартува новата сезона во Втората лига – Исток. Во битката за првото место се издвојуваат две екипи, според квалитетот, буџетот, амбициите, желбите, а тоа се Тиквеш и Брегалница. Кавадарци и Штип сакаат следната сезона Прва лига. И тоа не го кријат, и во Тиквеш и во Брегалница. „Спортмедиа“ по тој повод направи за нашите читатели напоредно интервју со тренерите на двете екипи, Љупчо Димитковски – Гањо и Добринко Илиевски – Пижон.

  1. Кој ќе биде првак во Втора лига – Исток?

ДИМИТКОВСКИ: Секако Тиквеш, а кој би можел друг.

ИЛИЕВСКИ: Брегалница на крајот од сезоната ќе биде прва и ќе се пласира во Првата лига.

 

  1. Кој има подобар тим, Тиквеш или Брегалница?

ДИМИТКОВСКИ: Тиквеш, според мене ние имаме далеку подобар тим во однос на Брегалница. Секако дека ги ценам штипјани, ама лично сметам дека Тиквеш е поквалитетен тим.

ИЛИЕВСКИ: Апсолутно Брегалница. Мое лично мислење е дека има подобар тим во однос на кавадачарни. И јас го почитувам ривалот, но реков, Брегалница е подобра.

 

  1. Кој играч од Брегалница/Тиквеш би го сакале во своите редови?

ДИМИТКОВСКИ: Ниту еден од Брегалница. За разлика од нас, штипјани се распрашуваа за сите наши играчи. Тоа нешто говори.

ИЛИЕВСКИ: Па, еве на пример Ѓорѓи Мојсов. Неговото искуство и квалитет добро би ни дошле во средниот ред.

  1. Каде е шансата на вашиот тим во однос на противникот?

ДИМИТКОВСКИ: Шансата на Тиквеш па и предноста, е во тоа што имае компактен тим, го задржавме „костурот“ од лани. Потоа другарството кое го имаме меѓу тимот, стручниот штаб и раководството. Ние ја имаме таа потребна „хемија“ што се вели. Тоа ми дава за право да бидам оптимист. Да напоменам дека зад нас стои цел град Кавадарци на чело со градоначалникот Јанчев.

ИЛИЕВСКИ: Нашата предност е во тоа што ангажиравме навистина голем број квалитетни играчи. И јас се изненадив колку брзо се вклопија и сега имаме „хемија“ во тимот. Може да се пофалам дека имаме екстра квалитет на секое место во тимот, имаме и долга клупа. И се ова благодарение на нашиот спонзор Кире Гогов, кој покажува како треба да се води еден клуб. Тој ни овозможува прекрасни услови за работа.

 

  1. „Лозари“ или „Фалангата“. Која навивачка група е подобра?

ДИМИТКОВСКИ: Тука нема никакви дилеми, апсолутно „лозарите“ се подобра навивачка група. Тие досега секаде беа со нас, на сите мечеви ни даваа поддршка, и на гостувањата. Јас не гледам „фалангата“ да го правела тоа.

ИЛИЕВСКИ: Не треба да се трошат зборови, тоа е „фалангата“. Па тоа сите го знаат, не треба јас сега да образложувам зошто Брегалница има подобри навивачи.

 

  1. Ваше мислење за Илиевски/Димитковски?

ДИМИТКОВСКИ: Фактот дека Пижон беше долго време во структурите на младинските селекции во ФФМ говори дека станува збор за квалитетен тренер. Јас го ценам и респектирам како млад и добар стратег.

ИЛИЕВСКИ: Се најдобро за Гањо. Работел во повеќе клубови, има искуство, има квалитет. Секако дека го почитувам.

 

  1. Може ли некој друг освен Тиквеш и Брегалница да се вмеша во битката за врвот во Втората лига – Исток?

ДИМИТКОВСКИ: Јасно е дека Тиквеш и Брегалница се фаворити, некако и јавноста ги одвои во таа битка за првото место. Сепак не смееме да заборавиме на Кожуф и Беласица. Овие четири клуба очекувам на крајот да бидат на првите четири места на табелата.

ИЛИЕВСКИ: Факт е дека Брегалница и Тиквеш се први фаворити. Сепак јас би ги спомнал и Кит Го, колегата Грнев работи добро во Пехчево, потоа Беласица и Кожуф. Овие пет екипи ќе се борат за горниот дел на табелата во Втората лига – Исток.

Извор: https://sportmedia.mk/