Случајот „Алфа“ услов на албанската опозиција?

во категоријата Македонија

Расветлувањето на случајот „Алфа“ може да биде услов на албанската опозиција во замена на нивниот глас за предлог-законот за Обвинителство. Двете албански партии ниту прифаќаат, ниту негираат дека ова ќе биде еден од нивните услови. Од друга страна пак, премиерот вели дека не очекува такво нешто.

Пратеникот на Беса, Фадиљ Зендели, не го користи терминот „условување“, меѓутоа тврди дека на неговите средби со премиерот ќе го покрене и прашањето за случајот „Алфа“.

-Станува збор за преговори. Ние имаме свои услови кои ги поставивме и претходно околу законот за Јавното обвинителство и во тој контекст ќе го третираме и прашањето „Алфа“-вели Зендели.

Случајот „Алфа“ не е единствениот, има и други монтирани случаи кои чекаат да бидат расветлени, вели пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди. Тој додава дека во партиските органи не разговарале за условување на Законот за обвинителство.

-Очекуваме да видиме која ќе биде конечната верзија по преговорите и забелешките што ги дадовме ние, а и другите партии околу содржината на предлог-законот за обвинителство.-изјави Рашиди.

Алијанса за Албанците со конечен став ќе излезе откако ќе го добијат конечниот текст на предлог-законот, вели Рашиди, уверувајќи дека го известиле и премиерот и Министерството за правда дека нема да поддржат предлог-закон чија цел е да заштити инкриминирани луѓе.

Во април 2010 година, за убиство близу Природно-математичкиот факултет, на доживотен затвор беше осуден Реџаиљ Ќерими и Агим Ислами од Скопје. Девет години затвор доби Рамадан Шаќири како соучесник, а на доживотен затвор беше осуден и Алмир Дрпљани.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: https://tv21.tv/