Словенија го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО

во категоријата Свет

СКОПЈЕ (АА) – Со поддршка на 72 гласа, и 12 гласа против, Собранието на Словенија кое брои 90 пратеници, на вонредна седница го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, ја предводи делегацијата на македонскиот Парламент, која престојува во посета на Словенија.

Пред гласањето, Џафери се обрати на седницата на словенечкиот Парламент, каде што нагласи дека со овој чин се потврдува пријателскиот и принципиелен однос на Словенија кон граѓаните на Македонија.

Џафери во обраќањето се осврна на состојбите во Македонија, на усвоените уставни промени врз основа на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, со што, како што рече, се надмина спорот околу уставното име кој ја блокираше Македонија да стане полноправен член на НАТО и ЕУ.

Џафери изрази надеж дека до крајот на оваа година Протоколот ќе биде усвоен од парламентите на сите 29 земји членки на НАТО, и дека очекува оваа година Македонија да добие и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Во обраќањето пред словенечките пратеници Џафери рече дека билатералните односи меѓу двете земји се многу добри, во сите сфери, но дека заостануваат економските односи, имајќи ги предвид можностите и интересот за соработка од двете општества.

Словенија е втора земја членка на НАТО која го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО, откако претходно на 8 февруари Грција го ратификуваше истиот протокол, ставајќи крај на 28-годишниот спор за името меѓу двете соседни земји.

Останува Протоколот да биде потпишан од страна на останатите 27 земји членки на НАТО, а според најавеното, се очекува в четврток Собранието на Албанија да го ратификува Протоколот, кој веќе доби зелено светло од Законодавно-правната комисија.

Инаку, на 6 февруари во седиштето на НАТО во Брисел, Македонија го потпиша Протоколот за членство во НАТО, чекор кој дојде како резултат на постигнатиот Договор од Преспа кој беше потпишан во јуни минатата година меѓу Македонија и Грција, чие спроведување беше предуслов за членството на Македонија во НАТО и започнување на преговорите за членство на оваа земја во ЕУ.

Министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека по исполнувањето на сите законски барања за стапување во сила на Договорот од Преспа кој вклучува и започнување со официјално користење на новото име „Република Северна Македонија“, Владата во Службен весник ќе го објави датумот на стапување во сила на амандманите и Уставниот закон, чекор што според Министерството се очекува да се направи во наредните денови.


Извор: https://www.aa.com.tr/mk/