Природна или наметната смена на генерации – како новините ќе влијаат на системот

во категоријата Спорт

Веројатно малкумина веруваа по двата одлично одиграни бараж натпревари со Романија, дека втората половина од минатата година вака ќе се одвива. Раул веќе започна да учи француски уште во авионот од Клуж за назад и во глава имаше подмладување.

Дојде ли ова наше подмладување природно или пак беше сплет на околности? Впечаток е дека Миркуловски може да даде уште многу за репрезентацијата. Но, тој најдобро си го познава телото, напорите, перспективите. Потпиша нов договор со Вецлар, фати одличен ритам, одморот оваа зима му е добредојден и веројатно ќе му ја продолжи кариерата. Дали спремни го дочекуваме неговото повлекување?

Впечаток е дека позицијата среден бек е клучно место во ракометот. Друг Миркуловски немаме, но имаме ракометари со поинакви карактеристики. Не стравуваме толку дали ќе го замениме „Жути“, туку какви последици ќе донесе промената и нејзината имплементација. Како со игра на парче како среден бек на Кузмановски, Талески, Чурлевски, Кире Лазаров, ќе се одржи балансот во системот во двата правци. Балансот – најважниот збор во спортскиот вокабулар на Раул, но и на секој модерен тренер.

Квалификациите за Европското првенство не донесоа ништо добро. Ментално, во Битола и Кожани не бевме максимално концентрирани на компетитивен ракомет и тоа ни се одби од глава. Скоро и да не може да се извлече ништо позитивно од дуелите со Турција и Грција. Но, затоа една нова енергија донесе декемврискиот собир, двата теста со Србија и најавата за Мундијалот.

Сите сме во исчекување како ќе играме и колку нашето високо квалитативно ниво ќе трае и со селекции како Јапонија и Бахраин и со Хрватска и Шпанија. Но, загрижува нешто друго. Како ќе ја распоредиме силата во јануарската клучна недела. Ние секогаш сме играле групна фаза во која започнуваме силно, а завршуваме слабо. Дури и ривалите кои ја анализираат нашата игра денес знаат дека нa првите два натпревари сме најдобри, а потоа паѓаме. Нешто заради тенката клупа, нешто заради повредите, нешто заради менталитетот. Има и примери каде се подигавме, како во Франција пред две години кога одигравме одличен финиш на групата со Шпанија и Исланд, но цената ја плативме со повредите и во Албервил на Норвешка налетавме како лилипутанците на Гуливер. 

Но, има повеќе причини и кои будат оптимизам. Кузмановски драстично ја подигна формата и во клубови каде од него се очекува да игра главна улога. Сега, таква главна улога очекуваме и во репрезентацијата. Митревски, кој имаше импресивна статистика во Хрватска, брани во иста линија, со континуитет и во целост дава сигурност на голот. Крилата се редовно наш адут, Столе очекувам да биде најмотивиран, а Кире во секоја улога е Кире – нашиот мозок и тупаница на теренот.

Ако стартуваме со две победи како во Шпанија (ги победивме Катар и Чиле), верувам во психолошки исчекор и поинаков пристап на натпреварите со Хрватска и Шпанија. Но, бидејќи велат дека сме математичари и веднаш правиме комбинации, да мислиме само на Јапонија. Опеаната Јапонија на Дагур Сигурдсон. Само што таа Јапонија не ја запознала балканската одбрана и шпанскиот систем на игра. Епа, денес ќе ја запознае…

Извор: https://www.gol.mk/