Пред 10 дена немаше клуб, Ливерпул го зема, а тој им се оддолжи со трофеј

во категоријата Спорт

Шпанскиот голман Адриан е херојот на Ливерпул на УЕФА Суперкупот! На чуварот на мрежата му истече договорот со Вест Хем на почетокот на летото, па немаше клуб. Никој не беше заинтересиран за него, а тој тренираше со шпански четвртолигаш од Андалузија, неговиот роден крај, за да ја одржи формата. 32-годишниот фудбалер не ни сонуваше дека ќе добие повик токму од европскиот шампион.

По игра на судбината Адријан се најде меѓу диреците на Ливерпул. Прво Мињоле беше испратен во Бриж, па Адријан го пополни неговото место. Пред само девет дена потпиша за Ливерпул за да му биде резерва на првиот чувар Алисон, но бразилскиот голман се повреди на дуелот со Норвич во 1. коло на Премиер лигата.

Адријан мораше да го заземе неговото место. Го одработи тој меч, а вечерва првпат беше стартер. Одбрани неколку добри удари на фудбалерите на Челси, а во пенал-рулетот му го одбрани шутот на Абрахам и така му го обезбеди на Ливерпул трофејот.

„Ова беше луда недела. Но тоа е Ливерпул, мора да биде лудо! Среќен сум поради тимот, поради тоа што играм за Ливерпул и што ги радувам навивачите. Тоа беше долг и тежок натпревар кој заврши супер за нас“, изјави Адријан.

Прв старт – прв трофеј! Не е лошо за 32-годишниот голман на кого ова му е прв пехар во кариерата бидејќи со Вест Хем и со Бетис не освои ништо.

Извор: https://sportmedia.mk/