Почна изградбата на втор резервоар за вода во Лабуништа

во категоријата Македонија

Струга, 11 октомври 2018 (-) – Почна изградбата на втор резервоар за вода за пиење во селото Лабуништа со капацитет од 700 метри кубни. За реализација на овој проект, општина Струга издвои околу осум милиони денари, а останатите околу четири милиони денари се инвестиција на Министерството за животна средина и просторно планирање.
На поставувањето на камен темелникот за изградба на резервоарот денеска присуствуваа градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко, шефот на Кабинет Дашмир Насуфи, пратеникот Агим Шаќири и други функционери од централната и локалната власт.
Ова, како што појасни градоначалникот Мерко, е втор резервоар за вода во Лабуништа, кој целосно ќе ги задоволи потребите со чиста вода за пиење на жителите во ова село.
– Ова е само почеток. Општината ќе продолжи со реализација на нови проекти во Лабуништа, но и во другите населени места. Ќе се потрудиме да ги задоволиме потребите на населението за подобар и поудобен живот во општина Струга, истакна Мерко.
Градежните работи, најави, ќе ги изведува фирмата ЕРР-КОП од Лабуништа. Изведувачот досега работеше на проширување на патот за полесна и побезбедна проодност до местото каде ќе биде резорвоарот за вода.
Во рамки на посетата на Лабуништа градоначалникот изврши увид и на градежните работи на спортската сала во селото, каде е ставена подлогата, а од утре треба да почне поставувањето на железните столбови за градба. сс/мч/15:31
###

Извор:https://www.mia.mk