План за раст, исплатено помалку од најавената помош

во категоријата Бизнис

На почетокот на годината предвидени 50 милиони евра, а ќе бидат исплатени 35 милиони за поддршка на бизнисот од владиниот План за економски раст. Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска најави дека во наредните три дена ќе бидат исплатени сите 250 компании коишто имаат склучено договори за помош со државата.

Сите предвидени средства со буџетот и ребалансот на буџетот коишто беа за поддршка на економијата на Република Македонија се искористени. Заклучно со утре ќе бидат сите исплатени над 250 компании во Македонија ќе бидат помогнати“, рече вицепремиерот, Анѓушев.

Тоа значи дека ќе бидат исплатени 35 милиони евра, но премиерот Заев на крајот на минатата година најави многу повеќе пари.

За таа цел со Буџетот за 2018 година определивме 3,1 милијарда денари односно околу 50 милиони евра за Програмата за економски развој на нашата земја…“, рече премиерот Зоран Заев.

Беа најавени и дополнителни уште една милијарда денари за активните мерки за вработување. Од 35-тте милиони евра, оваа година 16 милиони беа реализирани преку Фондот за иновации. Другите околу 20 милиони евра се исплатени за поддршка на малите и средни компании, за поттик на инвестициите и за зголемен извоз. Инаку, Фондот за иновации денеска склучи 65 нови договори со иновативни компании во рамките на веќе планираните средства.

Инаку, запрашан дали во овие нови фирми има и такви кои се можеби поврзани со политичари како минатиот пат, директорот на Фондот, Јован Деспотовски, рече дека сите имаат поднесено изјави дека немаат судир на интереси. Сепак, тој потврди дека и на овој оглас имало фирми кои аплицирале, а кои во сопственичката структура имаат функционери.

Тие фирми сè уште се во фаза на оценување. Ист таков процес и понатаму трае и за старите четири фирми поврзани со политичари кои пред неколку месеци аплицираа за државна финансиска поддршка.

Александра Спасевска

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk/