Пендаровски пред бизнисмените се заложи за економски напредок

во категоријата Економија

Новиот шеф на државата на бизнис заедницата и вети дека ќе се залага за економски напредок. Подготвен е како што вели, да ги поправи сите грешки на политичарите во последните 30 години и да работи во интерес на граѓаните а не на поединци. Пендаровски најави и зајакнување на економската дипломатија и понуди помош на приватниот сектор кој има намера да освојува нови странски пазари.

„Нема да биде потпишан ниту еден закон или указ за прогласување на  закон од моја страна ако бизнис заедницата сметаат дека е спротивно на нивните интереси или спротивно на интересите на граѓаните. Ако се донесе некаков бирократски комплот и нема врска со реалната економија а вие се чудите како тоа во пракса да го примените, јас ќе го вратам. И ќе барам негово повторно прегласување со детално образложение зошто не сум го потпишал указот“, рече претседателот Пендаровски.

За успешно водење бизнис, на претседателот Пендаровски бизнисмените, му посочија дека е неопходно владеење на правото. Велат дека се уште ги чекаат најавите за реформи и во делот на економските политики. Од него побараа да најде начин како ќе се зголеми бројот на домашни  фирми кои се извозно ориентирани со странство, а тие изнесуваат само пет отсто од вкупниот број на компании во земјава.

„Доста значајно е и тоа што претседателот има свои ингеренции особено во делот на поставување на лицата кои што работат во дипломатските претставништва низ светот. И секако тие се од екстремно голема важност да бидат лика кои што имаат авторитет, кои што ќе имаат интегритет, меѓутоа да бидат и лица кои ќе имаат големо познавање не само од дипломатија туку и од економија и што е она што му треба на еден граѓанин“, рече Данела Арсовска претседател на ССК.

Во предизборието,  Пендаровски на неколку пати на средбите со граѓани говореше и на економски теми. Пред се,  тоа беа прогнози и позитивни очекувања за економските текови на македонското стопанство по влезот на земјава во НАТО и Европската Унија. На денешната средба тој донесе заклучок дека економската состојба во Македонија се подобрува во споредба со годините претходно.

Но, на денешната конференција новинарите немаа можност да го прашаат претседателот Пендаровски, како тој  подетално ќе се залага за раст на економијата на земјава. Пред средбата било договорено дека претседателот нема да одговара на новинарски прашања.

Иле Петревски

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk