Одреден 30 дневен притвор за Катица Јанева

во категоријата Свет

СКОПЈЕ (АА) – По неколкучасовниот распит во Кривичниот суд во Скопје, специјалната обвинителка од Јавното обвинителство за гонење кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), Катица Јанева е однесена во Истражниот затвор во Шуто Оризари, јавува Anadolu Agency (AA).

Судија на претходна постапка ѝ одреди 30 дневен притвор за случајот „Рекет”, што беше побарано од Јавното обвинителство поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања, заради стекнување лична корист.

„Судот донесе решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена по сите три основи”, изјави основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Русковска додаде дека истрагата продолжува и дека не се знае до каде ќе одведе.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески претходно соопшти дека истрагата за случајот „Рекет“ се проширува. Тој информираше дека Јавното обвинителство ќе бара од судот да изрече мерка притвор за специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Јавниот обвинител кој ја води постапката донесе наредба за проширување на истрагата и против јавниот обвинител кој е приведен и Обвинителството до надлежниот суд ќе предложи определување на мерка притвор. Од обезбедените докази се утврди дека јавниот обвинител ја искористил својата службена положба и овластување, кои ги има по Законот за Специјалното јавно обвинителство и одредбите од Законот за кривичната постапка, и за себе и за други лица прибавил имотна корист во значителен износ“, рече Јовески.

– Случајот „Рекет”

Основното јавно обвинителство (ОЈО) за гонење организиран криминал и корупција од 15 јули оваа година води истражна постапка (случај „Рекет“) против две лица, Бојан Јовановски и Зоран Милевски, за кривичните дела „примање поткуп за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 13 август соопшти дека е продолжена мерката притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски, опфатени во предметот „Рекет“, по разгледување и ценење на фактите и доказите донесе решенија со кои го прифати предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена. Претходно, на 16 јули, Јовановски и Милевски добија по 30 дена притвор.

Обвинителството истражува дали двајцата осомничени имаат поврзаност со специјалната обвинителка Катица Јанева. Според Обвинителството, двајцата осомничени барале финансиски средства од бизнисменот Јордан Камчев, кој е обвинет во случајот „Империја“.

„Со повеќе преземени дејствија двајцата осомничени за да го убедат осомничениот од предметот „Империја“ во влијанието кое едно од лицата го има врз јавниот обвинител, во повеќе средби телефонски преку спикерфон разговарал со јавниот обвинител и по разговорите и средбите откако осомничениот во случајот „Империја“ и неговата сопруга биле убедени во влијанието, и двете лица против кои се води истрагата од овој осомничен барале 8 милиони евра за олеснување на неговата положба, и на 20 февруари 2019 година двајцата осомничени дошле во домот на осомничениот во предметот „Империја“, зеле торба со марка „луи витон“ со еден милион евра, а додека тој бил во притвор од неговата сопруга зеле 500 000 евра“, рече обвинителот Јовески.

Случајот „Империја” спаѓа во надлежност на СЈО. На денот кога започна истрагата за случајот, на 15 јули, обвинителката Катица Јанева поднесе оставка од својата функција.

Во деновите претходно, италијанскиот весник „Ла Верита“ (La Verita) објaви видео и аудиоснимки во кои се прикажуваат осомничените во случајот „Рекет“.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/