Некогаш беше Боро, денес е Филип – „магијата“ на Чурлевци трае ли трае…

во категоријата Спорт

Пред 17 години првпат се квалификувавме за Светско првенство. Стевче Стефановски и Драган Нишевиќ поведоа една одлична генерација, која полека им го отвори патот на помладите, за денес да имаме континуитет на големите приредби.

А таа генерација немаше вакви подготовки, логистика, ракометарите не играа во најсилните европски лиги како денес, но ете во Египет се квалификувавме и отидовме со една палка за примопредавање на лидерството.

Пепи Манасков и Кире Лазаров единствен пат на едно големо натпреварување играа заедно. И ден денес жалиме што не играа подолго заедно и што светот не трепереше малку подолго од нивните „стрелби“.

Но, тоа беше и првенство на Боро Чурлевски, за помладите еден поинаков профил на ракометар, каков што денес не се раѓа често, а каков што на многу селекции им недостига. Неполни две децении по мундијалскиот блесок на Боро, во репрезентацијата се појави Филип Чурлевски.

Многу скромен по карактер, ракометно одлично обучен и образован, своето место го најде во Еурофарм Работник, посебно по доаѓањето на Ѓорѓе Чирковиќ. Како среден бек често може да се види и неговата креација, а со оглед и на многуте инвидуални тренинзи со Боро, и неговата имагинација, фантазија.

Раул веднаш го забележа неговиот блесок и сите сме убедени дека може да го искористи во Минхен. Веројатно не е клучниот човек, но ако добро ги искористи своите минути може да биде додадена вредност.

Цело семејство Чурлевски беа ракометари. Такви лози ретки се во нашата земја и треба да ги негуваме. Филип влегува во зрели години и пред него е тестот кој веруваме ќе го искористи. 

Извор: https://www.gol.mk/