На разбудените им треба будење

3 mins read

Сакам да зборувам со оние од вас кои се разбудени. И кои се отворени за рационална дебата. Прифаќам дека е тоа мало малцинство бидејќи еден од постулатите на разбуденоста е дека вашите чувства се поважни од вистината. 

Се зборува дека вашата генерација е позагрижена од која било друга генерација во врска со едно конкретно прашање: климатските промени. Ни кажуваат дека многумина од вас страдаат од „климатска анксиозност“. Сакате да ја спасите планетата. Вечерва – и само вечерва – јас ќе ви се придружам и ќе богомолам под стапалата на „Света Грета на климатските промени“.

Ајде да прифатиме дека живееме во услови на вонредна климатска ситуација и дека резервите на поларни мечки се на опасно ниско ниво. Ви се придружувам во тоа мислење. Сега, што треба да правиме со врска со овој огромен проблем со кој се соочува човештвото?

Што ние во Британија може да сториме? Оваа земја е одговорна за 2% од глобалните емисии на CO2. Што значи дека ако цела Британија, во овој момент потоне во море и ја снема, тоа нема да направи никаква разлика во климатските промени. 

Знаете зошто? Затоа што иднината на климата ќе се решава во Азија и Латинска Америка, од сиромашни луѓе кои пет пари не даваат за спас на планетата. Знаете зошто? Затоа што се сиромашни! Јас доаѓам од Русија која не е сиромашна туку е земја со средни примања. 20% од руските домаќинства немаат внатрешен тоалет. Имаат „понадвор“ тоалет, и тоа не некакви фенси портабл тоалети туку дрвено куќаре со дупка во земјата, дупка во која е собрана ферментираната меморија од последните 10.000 посети. Колкумина од вас ќе се вратат вечерва дома и ќе речат, дај да го баталиме нашиов топол внатрешен тоалет и да направиме сибирски ќенеф во дворот?

Ако вие тоа нема да го направите, зошто мислите дека други требаат? 120 милиони луѓе во Кина немаат доволно храна. Не мислам на тоа дека некои од нив не добиваат десерт туку дека се недоволно прехранети. Тоа значи дека и нивниот имунитет се распаѓа. Нема да ги убедите да останат сиромашни.

Замислете го Ши Џинпинг, лидерот на Кина. Кога сте имале 10 години, имало културна револуција во вашата земја. Дошле луѓе, го фрлиле вашиот татко во зандани, мајка ви морала јавно да се откаже и да се огради од него,  сестра ви се самоубила, а вие, сега без заштита на вашиот некогаш политички моќен татко, сте пратени во некое село за да живеете во некоја куќа- пештера. И еве ве сега вас, децении подоцна, со канџи имате гребено за да се пробиете низ крвавите полиња на кинеската политика и да станете неприкосновен врховен лидер на истата комунистичка партија која ви ја уништила фамилијата. И јасно ви е, главната работа која мора да ја направите за да преживеете и да останете на власт е да ја испорачате единствената работа која луѓето во Кина ја сакаат: напредок и економски развој. Што мислите, како се рангирани климатските промени на листата на приоритети на Ши Џинпинг?  

Една третина од сите деца во светот кои живеат во екстремна сиромаштија се во Индија. Тоа значи дека гладуваат и умираат од болести кои се излечиви.

Пред околу 15 месеци, мојата сопруга забремени. Таа забремени, не јас, бидејќи сме старомодни. Цели 9 месеци зборувавме како ќе ни изгледа синот, што ли ќе работи кога ќе порасне, гледавме јутјуб видеа како изгледаат фетуси и бебиња на 8 месеци, 15, 20 месеци… Конечно се роди и едно преслатко суштество, послатко од можеби 80% од малите кученца.

Ако некој ми кажеше дека имам избор: или мојот син да се соочи со гладување или умирање од банална болест или можам да стиснам копче и ќе живее нормално, ќе тргне на школо, ќе донесе девојка дома, ќе запише факултет и ќе стане разбуден идиот, па ќе се вработи, ожени, ќе добие деца и стане маж…. А сè што јас треба да направам е да го стискам копчето и со тоа, за секој ден од животот на мојот син, да испуштам голема количина CO2 во атмосферата.

Вие сте доста млади и уште не сте родители па да ви кажам нешто: не постои родител во светот кој нема да го мава тоа копче.  

Нема да ги убедите оние луѓе да останат сиромашни. Нема дури да убедите никого да не сака да стане побогат.

Затоа, ви велам дека постои само една работа која ние овде може да ја направиме за да ги сопреме климатските промени: да доаѓаме до научни и технолошки откритија кои ќе ни даваат енергија која нема само да биде чиста туку ќе биде и евтина.

А единственото работа што ‘разбуденоста’ може да ја понуди како замена е да пере млади и чисти мозоци како вашите, да верувате дека сте некакви жртви, да верувате дека она што морате да го правите за да го поправите светот е да се жалите, да протестирате, да фрлате супа на уметнички слики.

Нас што нè сметате дека сме од другата страна, не сме на таа страна затоа што нејќеме да го поправиме светот, туку затоа што знаеме дека единствен начин да се поправи светот е да се работи, да се создава, да се гради. А проблемот со „разбудената култура“ е што премногу млади глави навежба да заборават на тоа.

Константин Кисин
руско- британски сатиричар, автор и политички коментатор

 

 

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Писмо од разочаран скопјанец: „Ноќен живот за фотки“ или „Ла Фајет од Али Експрес“

Следно

(ВИДЕО) Напад на родители на малолетни деца од Србија на турнир во Сараево: Доживеавме пекол

Latest from Blog

Марија Павловска добитничка на престижната меѓународна награда „Донатело“ на Фондацијата ‘Fondazione Effetto Arte’ во Палатата Боргезе во Фиренца

Селектирана и посочена како уменик со активност на интернационално ниво, Марија Павловска, e добитничка на престижната меѓународна