„Насилството над жените во Северна Македонија недоволно се пријавува“

во категоријата Свет

СКОПЈЕ (АА) – Постои конкретна потреба за поголема поддршка и насочено дејствување за да им се помогне на жените од малцинските групи и од руралните области, а само два отсто од испитаните жени во Северна Македонија, кои се соочиле со насилство од својот партнер, овој инцидент го пријавиле во полиција, јавува Anadolu Agency (AA).

Ова беа дел од главните заклучоци од истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените во Северна Македонија, кои денес во Владата беа презентирани од страна на претставниците на оваа меѓународна организација во земјата, а каде што свое обраќање имаше и премиерот Зоран Заев.

„Насилството врз жените е неприфатливо и претставува кршење на основните човекови права. Ние како Влада ветивме дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените. Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство“, истакна премиерот Заев пред медиумите.

Премиерот додаде дека во Северна Македонија, за прв пат е отворен центар за жртви на сексуално насилство во кој жртвите ќе добијат психо-социјална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтеграција, како и три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство лоцирани во здравствените установи во Скопје, Куманово и Тетово.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која, потенцираше дека насилството врз жените и девојките е едно пошироко безбедносно прашање. Која рече дека денешното истражување коешто го презентираат покажува дека насилството над жените во Северна Македонија често пати недоволно се пријавува и дека некакви форми на физичко и сексуално насилство се широко распостранети во земјата.

„Истражувањето укажува дека постои конкретна потреба за поголема поддршка и насочено дејствување за да им се помогне на жените од малцинските групи и од руралните области. Родовата нееднаквост се наоѓа во коренот на родово заснованото насилство над жените и девојките и оттука потребно е партнерство помеѓу државните и недржавните чинители“, истакна Која, според кој насилството врз жените го засега целото општество во целоост, поради што порача дека и мажите треба да се ангажираат за родова еднаквост за да се стави крај на насилството.

„Родово заснованото насилство е социјален, а не индивидуален проблем и тоа се наоѓа во коренот на сите родови прашања“, смета специјалната советничка за родови прашања, Амарсана Дарисурен.

Според Дарисурен, истражувањето предводено од ОБСЕ укажува дека речиси половина од сите жени кои биле анкетирани во Северна Македонија веруваат дека домашното насилство претставува приватно прашање коешто треба да се реши внатре во самото семејство, а 3 од 10 жени веруваат дека жртвите претеруваат во своите тврдења за злоупотреба и за силување.

„Само 2 проценти од жените коишто се соочиле со насилство од својот моментален партнер го пријавиле овој посериозен инцидент во полицијата. Жените, како причини за непријавувањето, ги навеле токму срамот, финансиските причини, недостаток на информации, недовербата во услугите, страв од реперкусии и недоволното сфаќање на тоа што претставува насилство“, рече Дарисурен.

Беше спроведено квантитативно истражување на репрезентативен примерок од жени на возраст од 18 до 74 години што живеат во Северна Македонија. Вкупно 1910 интервјуа беа спроведени лице в лице во периодот од април до август 2018 година. Податоците се пондерираа на познат профил на население.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/