„Монструм“, Адвокатот Рауфи се сомнева дека СЈО тактизира со прислушуваните разговори

во категоријата Македонија

Денеска требаше да се сослушаат предложените сведоци од одбраната на обвинетите во случајот Монструм, но рочиштето беше одложено. Од Судскиот совет информираа дека судијата Огнен Ставрев веќе неколку денови е на службено патување. Адвокатот Насер Рауфи информираше дека не биле на ред нивните сведоци, изразувајќи сомнеж дека СЈО тактизира, бидејќи според него, се очекуваше да се слушаат таканаречените „бомби“.

„Не знам која е причината, но очигледно е дека се работи за тактизирање од страна на СЈО бидејќи беше најавено дека со завршување на предлозите од Обвинителството, на крај ќе се пуштат и бомбите. Тоа не се случи. Не е според Законот за кривична постапка за потоа да даде обвинителството. Но, сега кога ги дадоа другите предлози, требаше и овие таканаречени бомби“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

Од СЈО велат дека ги почитувале законските постапки бидејќи прислушуваните разговори се нови докази во овој предмет. Од обвинителниот орган велат дека ќе ги објават на крајот на судскиот процес односно пред завршните зборови. Познатите „бомби“ на тогаш опозицискиот СДСМ, адвокатите на двете страни очекуваат да извадат на површина нови факти, што според нив, ќе ја расветлат вистината за петкратното убиство кај Смилковското езеро. На следното рочиште закажано на 6 мај, од одбраната велат дека меѓу другото, ќе се сослушаат и сведоците за обвинетиот Сами Лута.

„Според Врховниот суд, ние сме обврзани сите сведоци од претходниот процес да дојдат повторно во суд. Потоа, кога ќе дојде ред на Обвинителството за нови докази и ние како одбрана ќе имаме можност да предложиме нови сведоци, што ќе го направиме. Поседуваме нови докази од наша страна и тие ќе бидат предложени од одбраната“, додава адвокатот Рауфи.

Инаку, внатре во судницата, обвинетиот Агим Исмаиловиќ денеска рече дека поради финансиски причини не може да биде застапуван од претходните адвокати, затоа побара да добие адвокат по службена должност по што судијата Осман Шабани ќе овласти адвокат платен од Кривичниот суд.

За убиствата на Смилковско езеро на 12 април 2012 година на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Лута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ослободувајќи ги од затвор Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Лута и Фејзи Азири на кои им наложи мерки на претпазливост. Во меѓувреме, на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири и понатаму им се суди во отсуство. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презема СЈО, а предметот беше вратен на повторно судење.

Аднан Ќаили

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk/