Секој профил делувал преку бројни платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги и платформите на „Мета“ како Фејсбук, Инстаграм и Ватсап
Компанијата „Мета“ деактивираше лажни провладини профили во Србија, Куба и Боливија, кои беа користени за дискредитација на опозицијата и објавување информации „драги“ на владетелите, објави порталот Јурист.орг.
Овие профили функционирале независно еден од друг во секоја земја, а нивната содржина стигнала до стотици илјади луѓе пред да биде суспендирана по внатрешната истрага спроведена во компанијата.
Секој профил делувал преку бројни платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги и платформите на „Мета“ како Фејсбук, Инстаграм и Ватсап.
Во Куба, лажни профили, со слики генерирани од вештачка интелигенција, отвориле страници и групи на Фејсбук и објавиле содржини на низа платформи, вклучувајќи мемиња за опозициските личности и критичарите на владата, нарекувајќи ги „црви“, погрден термин што го користи владата за дисидентите.
Слична мрежа во Србија, поврзана со вработени во Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ, исто така користела лажни профили и координирани објави.
„Тие ја таргетираа публиката на Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Јутјуб, како и локалните медиуми за да создадат перцепција за широка и автентична поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ и Српската напредна партија“,
се наведува во соопштението на „Мета“.
Во Боливија, истрагата доведе до врски со лажни профили на владејачката партија Движење кон социјализмот.
Извор: 360stepeni.mk