Макрон во посета на Србија: „Франција ја сака Србија, онака како што Србија ја сакаше неа“

во категоријата Свет

БЕЛГРАД (АА) – Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва, пред Споменикот на благодарноста за Франција во Белград, рече дека Франција никогаш нема да ја заборави жртвата која во Првата светска војна ја поднел српскиот народ, додавајќи дека Франција ја сака Србија, исто како што Србија ја сакала неа, јавува Anadolu Agency (AA).

Тој претходно положи венец на Споменикот на бранителите на Белград 1914-1918 година, како и цвеќе на гробот на Милунка Савиќ во Алејата на великаните. 

Кај споменикот на благодарноста за Франција на Калемегдан, претседателот Макрон им се обрати на собраните граѓани, во присуство на домаќинот, српскиот претседател Александар Вучиќ. 

„Вие покажувате дека пораката испишана на овој споменик „Ја сакаме Франција, како што таа нè сакаше нас“ и понатаму живее. И 100 години подоцна. Сега на мене е редот во име на мојата земја да ви кажам дека Франција ве сака како што вие ја сакавте нејзе“, рече тој. 

Макрон на српски јазик ги поздрави присутните и им се заблагодари на белграѓаните за доаѓањето во голем број и на организираниот пречек. 

„Тој 20-ти век донесе војни кои повторно го зафатија Балканот во неодамнешно минато. Јас го разбирам страдањето коешто сè уште е присутно и го знам сето она што го донесоа тие искушенија, донесоа недоразбирање меѓу нашите две земји. На сите невини жртви во тие трагични моменти, денес им искажувам почитување кое Франција го чувствува кон нив“, рече тој. 

Тој додаде дека на денешна Србија и на нејзината младина пружа рака заедно да гледаат кон иднината. 

Како што наведе, тој и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, имаат одговорност историјата да не застане и дека знае оти во овој регион на Европа сè уште може да се случи најлошото бидејќи поединци се обидуваат да го разгорат национализмот и фундаментализмот, но и дека знае оти тие имаат една обврска – „ а тоа е должноста да го сакаме другиот како што се сакаме себеси, да најдеме компромис, да ја сакаме Србија така што ќе ги сакаме и другите“. 

„Србија денес е во нашите срца и засекогаш ќе биде. Да живее Србија, да живее Франција, да живее пријателството меѓу нашите две земји“, рече Макрон на српски јазик.

Со неговото обраќање, заврши и првиот ден од неговата дводневна посета на Србија, а на вториот ден од посетата планирана е средба на Макрон и Вучиќ со студентите од Регионалната канцеларија за соработка на млади (RYCO).

Последен пат, Жак Ширак, како претседател на Франција, ја посети Србија во 2001 година.

Макрон требаше да ја посети Србија на почетокот од декември минатата година, но тогаш посетата беше одложена поради протестите на „жолтите елеци“.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/