ЛШ: За малку чудо во Тбилиси, Звезда рутински со Судува, Фероникели во аут

во категоријата Спорт

Што се случуваше на другите реванш натпревари од 1. квалификациско коло во Лигата на шампионите. Во Тбилиси за малку ќе се случеше чудо и ќе видевме фанастичен пресврт. Да потсетиме грузиски Сабуртало го победи Шериф на гостински терен со 3:0 и вечерва се играше реваншот во главниот град на Грузија, но молдавскиот шампион ја анулира предноста на домаќините уште по 12 минути. Лафити, Тамбе и автогол на Маргвелашвили за високи 3:0 за Шериф по првото полувреме.

Сепак, во второто полувреме Огњен Роловиќ ја затресе мрежата на гостите за 1:3 и тој резултат остана до крајот, па така Сабуртало си ја спаси „кожата“. Следен противник на грузискиот првак е хрватскиот Динамо Загреб.

А Црвена Звезда ја оправда фаворитската улога против литванска Судува. На првиот меч беше критикувана поради лошата игра во нападот, но вечерва на „Маракана“ си ја исполни мисијата. Во 4. минута Боакије ја начна мрежата на гостите, а во 29. Марко Марин зголеми на 2:0. Во 60. минута директен црвен картон доби Гобељиќ, но тоа не ја поремети Звезда која играше сигурно и онака како што се бара од неа. Во 96 минута Судува само го ублажи поразот преку Топчагиќ.

Во 2. квалификациско коло Звезда ќе игра против фински Хелсинки.

А дебитантот во Лигата на шампионите косовски Фероникели не успеа да ги совлада Њу Сеинтс од Велс. На првиот меч со два гола во финишот на мечот извлекоа 2:2, но вечерва во Приштина загубија со 0:1. Голот го постигна Дин Ебе и тоа само две минути откако влезе во игра.

Со тоа Фероникели чиј тренер е македонскиот стратег Зекирија Рамадан ќе продолжи во квалификациите за Лига Европа.

Извор: https://sportmedia.mk/