Културното и книжевно богатство на Тетово собрано на едно место

во категоријата Култура

Министерот за култура, Хусни Исмаили, денеска оствари работна посета на повеќе институции од областа на културата во Тетово.

Како што информираат од ресорното министерство, во рамки на посетата Исмаили се запознал и со текот на изградбата на објектот на културно-образовниот центар во кој ќе биде сместена библиотеката и театарот од овој град.

Министерот истакнал дека со реализацијата на проектот граѓаните на Тетово ќе добијат ново репрезентативно место за остварување на културните активности, место во кое љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во творештвото на врвните уметници, а воедно, како што рекол, ќе се овозможи и зачувување на големото културно и книжевно богатство што го поседува градот.

Исмаили го посетил и Музејот на тетовскиот крај, каде од директорот на оваа институција бил информиран за реализацијата на проектите кои се поддржани од Министерството за култура.

Во рамки на посетата министерот направил обиколка и низ симболот на градот, познатото Тетовско Кале – Бал Тепе, каде по завршувањето на административните процедури треба да почнат активности за конзервација на влезниот дел од тврдината.

ИЗВОР: https://makfax.com.mk/kultura/