Крсте Велкоски вторпат со трофејот од Купот на БиХ

во категоријата Спорт

Сараево го освои Купот на Босна и Херцеговина откако победи во двомечот со Широки Бријег со вкупни 3:1. „Бордо“ тимот победи на првиот меч на домашен терен со 3:0, а денеска на „Пецара“ изгуби со 1:0 и со тоа го освои трофејот.

Крсте Велкоски беше дел од мечот на „Пецара“ во кој Сараево имаше многу проблеми против мотивираниот „син“ тим но издржа. Па така нашиот капитен го освои третиот пехар со Сараево, откако претходно беше шампион во 2015 и го освои Купот на БиХ во 2014 година.

АТАК НА ПРВАТА ДВОЈНА КРУНА

Велкоски во недела има шанса да се радува на двојна круна со Сараево затоа што му треба бод во последното коло и да ја прослави шампионската титула. Со тоа нашиот интернационалец ќе биде дел од екипата која првпат се закитила со двојна круна во БиХ.

Да потсетиме, Велкоски со Работнички триумфираше во македонското првенство и Купот во сезоната 2007-08.

СЕДЛОСКИ НЕ УСПЕА

Тоа значи дека Гоце Седлоски како тренер на Широки не успеа да стигне до првиот трофеј со клубот. Поранешниот тренер на Вардар го презеде клубот од „Пецара“ минатата година кога беше при дното и успеа да го стабилизира па стигна до финалето но не успеа да го зграпчи трофејот (останаа на три).

А Широки може да жали што не го демолира Сараево денеска на свој терен затоа што имаше супер шанси да го направи тоа. За жал еднаш го погодија голот, ја гаѓаа стативата, а неколку пати противничкиот голман одлично бранеше. Плус Сараево во финишот играше со фудбалер помалку.

Сараево вкупно има шест трофеја од Купот на БиХ.

 

Извор: https://sportmedia.mk/