Кривокапиќ ги номинираше Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

во категоријата Свет

ПОДГОРИЦА (АА) – Претседателот на Социјалдемократската партија на Црна Гора (СДП) и долгогодишен претседател на црногорскиот Парламент, Ранко Кривокапиќ, до норвешкиот Нобелов институт ја испрати формалната номинација овогодишната награда за мир да се додели на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, јавува Anadolu Agency (AA).

Кривокапиќ предлага на двајцата премиери да им се додели наградата за постигнувањето на Преспанскиот договор, кој го реши 27 години стариот спор меѓу Македонија и Грција. 

„Со овој историски договор затворено е прашањето што ја блокираше европската и евроатлантската иднина на Македонија, и создаде јаз меѓу двете држави“, рече лидерот на СДП.

Како што истакна, на тој начин двајцата премиери покажале политичка спремност да донесуваат одлуки во надворешната политика кои се однесуваат на иднината на нивните добрососедски односи и Европа. 

„Нивните лични напори и подготвеност за компромис за доброто на граѓаните на двете држави се најдобар пример за долгорочното политичко визионерство што е неопходен предуслов за секое вистинско лидерство“, рече Кривокапиќ. 

Нобеловата награда за мир претставува признание за заслугите во полето на спојувањето на народите, разоружувањето и намалувањето на воените потенцијали, политичкото и друго образование, и одржувањето мировни конференции, а се доделува секоја година на 10 декември, на денот на смртта на Алфред Нобел, чие име го носи.


Извор: https://www.aa.com.tr/mk/