Косово, Колективна оставка на градоначалниците од општините со мнозинско српско население

во категоријата Регион

27 ноември 2018 / 14:48

Градоначалниците на четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово, Стеван Вуловиќ од Зубин Поток, Вучина Јанковиќ од Звечане, Зоран Тодиќ од Лепосавиќ и Горан Ракиќ од Северна Митровица, поднесоа оставка. Меѓу причините за тоа во заедничката изјава тие го споменуваат воведувањето на високиот данок, како и полициската акција за апсење на Милан Радојчиќ, како осомничен за убиството на Оливер Ивановиќ. Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, објави дека ќе се формира кризен штаб кој ќе носи одлуки во зависност од случувањата.
„Од денес, администрацијата на локалната власт од страна на Приштина на северниот дел не постои. Тоа не се должи на нашата волја, туку на постапките кои го оневозможуваат нормалниот живот на Србите во Косово. Тарифата што ја воведе Приштина значи дека нашите деца утре нема да имаат храна, леб и вода“, рече Горан Ракиќ, Градоначалник на Северна Митровица.
По оставките, Србите од северниот дел протестираа против наметнувањето на царината од 100 отсто за увоз на српски производи. Протестите ќе продолжат и во наредните денови, односно сè додека Косово евентуално не ја повлече тарифата. Во меѓувреме, меѓународната заедница, вклучувајќи го и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, го повика Косово да ја укине оваа царинска обврска.
Помпео, исто така, го повика Косово да ја искористи единствената можност да постигне, како што рече, историски договор за нормализирање на односите со Србија во рамките на дијалогот под посредство на Европската унија.

Извор: http://www.alsat-m.tv/mk/