Концерт на Дуња Иванова на Врбјанска Чука во Пелагонија

во категоријата Култура

Со почеток во 18.30 часот, на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со делата на Стив Рајх, Филип Глас, Лудовико Еинауди и Јан Тирсен.

Овој настан е несекојдневна можност да се чујат современи класични композитори во археолошката сонда и првпат да се проткаат (пред)историските мистерии со репетитивните ритми и минималистичките есенцијални мелодии на пијаното.

Истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија се одвиваат неколку години, а со оглед на тоа што во него пред сè се вршат ископувања, тој е посетуван и познат единствено за археолозите. Оттаму, ова ќе биде единствена можност и за пошироката јавност, која пред почетокот на концертот ќе биде запознаена со локалитетот и неговите највпечатливи обележја, со што ќе се навлезе и во неговата (пред)историја.

Локалитетот се наоѓа 1 км јужно од селото Славеј (на патот од Прилеп за Крушево) и до него може да се стигне со автомобил, велосипед, пеш или со параглајдер. До наоѓалиштето поминува патот од Славеј до Боротино, кој може да се користи за да се дојде до тумбата.

Организатори на овој настан и на истражувањата на Врбјанска Чука се Центарот за истражување на предисторијата, Форумот за авангардна креативност, Домот на културата „Марко Цепенков“, Институтот за старословенска култура, Заводот и Музеј – Прилеп и Музејот на РС Македонија.

ИЗВОР: https://makfax.com.mk/kultura/