„Кога ќе ги отвориме вратите, владите нема да издржат ниту 6 месеци“

во категоријата Свет

ИЗМИР (АА) – Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, изјави: „Влегуваме во период во кој на организаторите и криумчарите на мигранти нема да им дадеме да здивнат. Прашањата за илегалната миграција Турција ќе ги постави на едно место. Очигледно е дека Европа по ова прашање нас нѐ остави сами. Не може само да се тапка по грбот“, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот Сојлу на Бродот на пријателството, кој е во составот на Командата на Крајбрежната стража, присуствуваше на вечера заедно со вицеадмиралот Ахмет Кендир, командант на Крајбрежната стража, и неговиот екипаж.

Сојлу во своето обраќање истакна дека персоналот на Командата на Крајбрежната стража не служи само за Министерството за внатрешни работи, туку дека тие служат на светско ниво.

Зборувајќи дека во 21 век Турција е ставена пред тешко искушение, министерот Сојлу рече:

„Од една страна ги имаме големото насилство и сиромаштија од Блискиот Исток до Африка, а од друга страна сопствената безбедност, нашата борба против дрогата и тероризмот, од една страна успешната борба што ја водиме за развој и стабилност на нашата земја и од друга страна, нашите верувања, вредности, совест и милост. Фала му на Бога што ние сме нација кај која преовладува совеста и сочувството. Не сме нација која го загубила својот идентитет, криејќи се зад парите, комфорот, себичноста, кукавичлукот“.

Сојлу истакна дека Турција, кога станува збор за имиграциите, се соочува со две клучни прашања, велејќи дека под називот легална миграција, особено поради граѓанската војна што се води во Сирија, Сиријците што доаѓаат во Турција имаат меѓународен статус на заштита.

Истакнувајќи дека има и Сиријци кои се вратиле во своите домови, министерот Сојлу рече: „Досега 337.729 Сиријци се вратија назад и овој тренд продолжува“.

– „Меѓу илегалните мигранти има и значителен број на Африканци“

Зборувајќи на темата за илегалните мигранти за кои се користи правниот термин „нерегуларни мигранти“, Сојлу посочи дека се доживува трагедија и продолжи:

„Од целиот капацитет и моќ на Командата на Крајбрежната стража, 70 % од прекувремената работа, особено во нашите мориња, се троши за илегалната миграција. Овој дел од работата не е поврзан ниту со изборот на надворешната политика на Турција, ниту со мигрантската политика. Станува збор за прашање кое во потполност се развива надвор од нас. Станува збор за илегалните мигранти кои со цел да избегаат од сопствените земји, од географски аспект ја бираат нашата земја како најкус пат. Би сакал да се знае дека ние како Турција водиме сериозна борба по ова прашање“.

Сојлу рече дека лицата од Блискиот Исток кои сакаат да влезат во Европа, на еден дел од патот ѝ плаќаат рекет на ДЕАШ, а на друг дел од патот ѝ плаќаат на ПКК, истакнувајќи дека во одредени делови од патот, имигрантите поради беспомошноста, се договараат со локалните криумчари на мигранти „за на крај да се најдат себеси во чамец на отворено море, соочувајќи се со смртта. Од таа точка понатаму, нивна единствена надеж е Господ. Меѓу илегалните мигранти што ги спасивме од морињата, има и значителен број на Африканци. Има и државјани на земји за кои и не сме чуле. Во 2017 година и на копно и на море фативме 175.752 нерегуларни мигранти. Во 2018 година достигна бројка од 268.000, а од почетокот на новата година досега, фативме 162.692 лица“.

Истакнувајќи дека кон ниту едно од фатените лица не се однесувале како кон криминалци и терористи, турскиот министер Сојлу истакна дека ниту еден од мигрантите не бил подложен на малтретирање.

Министерот Сојлу, посочувајќи дека турските екипи го спречиле зацрнувањето на животите на луѓето кои оделе во непознато, го истакна следното:

„Само оваа година досега во Агри и Ван, на нашата страна од границата, на 6 до 10 метри под снегот откривме приближно 100 мајки, жени и деца кои ги загубиле животите. Всушност, со операциите што ги спроведовме, им задаваме тежок удар на организаторите и криумчарите на илегални мигранти, кои ги продале своите души за пари. Човештвото не се спасува само со подавање рака, вие истовремено ги спасувате со вашата одлучност и борбата што ја водите. Давате голем придонес за човештвото“.

– „Да пробаме ако сакаат“

Истакнувајќи дека многу добро знае кој го прободува со нож човештвото, министерот Сојлу изјави дека ќе ја продолжат борбата против организираниот криминал.

„Ќе направиме што е потребно. На оние кои Турција сакаат да ја доведат во ситуација да стане центар за илегални миграции, ќе им доделиме најтешки казни. Независно дали биле Турци или странци, тие ќе си го добијат заслуженото. Влегуваме во период во кој на организаторите и криумчарите на мигранти нема да им дадеме да здивнат. Прашањата за илегалната миграција Турција ќе ги постави на едно место. Очигледно е дека Европа по ова прашање нас нѐ остави сами. Не може само да се тапка по грбот. Доколку Турција оваа работа не ја води одлучно, ниту една влада во Европа нема да може да издржи повеќе од 6 месеци. Ако сакаат да пробаме”, истакна Сојлу и додаде дека Европа ја остава сама Турција во врска со прашањето за миграциите.

Осврнувајќи се на дел од структурките во Европскиот парламент и критиките кон Турција, Сојлу рече дека е потребно да се поддржи Турција во однос на миграциите.

„Никој на ова не треба да гледа како закана. Турција не е земја која може да се задржува. Турција по среде ја става големата борба. Се соочуваме со најголемиот бегалски бран во историјата. Уште еднаш повторувам дека тие немаат право на тоа. Кога ќе ги отвориме вратите од кај нас, ниту една влада нема да може да издржи 6 месеци“.



. (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/