Калин: Турција е партнер во технологијата за авионите F-35

во категоријата Свет

АНКАРА (АА) – Турција не е само клиент-купувач на американските воени авиони F-35, туку и партнер во технологијата, изјави портпаролот на турското Претседателство, јавува Anadolu Agency (AA).

Говорејќи пред новинарите по состанокот на Кабинетот во главниот град Анкара, Ибрахим Калин рече: „Турција е, и ќе продолжи да биде партнер во технологијата за F-35. Ние не сме само клиенти или купувачи на F-35.“

Тензиите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Турција пораснаа во последниве неколку месеци, поради тоа што Турција ќе започне со примање на напредниот руски ракетен систем S-400, за кој Вашингтон вели дека ќе ја загрози улогата на Турција во програмата за воените авиони F-35. 

Турција во 2017 година одлучи да го купи рускиот систем S-400 по безуспешните долготрајни напори за купување на системот за воздушна одбрана од САД. 

– Предложената безбедносна зона во Сирија – 

Калин, исто така, ја изрази загриженоста и очекувањата на Турција во врска со кризата во Сирија. 

„Турција очекува повлекувањето на САД од Сирија да продолжи и да се воспостави безбедносна зона под контрола на Турција“, рече тој. 

Вашингтон во Сирија остави речиси 2.000 војници, и покрај соопштувањето дека само неколку стотини војници ќе останат во Сирија по повлекувањето на американските сили оттаму. 

Во декември, американскиот претседател Доналд Трамп ненадејно соопшти повлекување на американските сили од Сирија, меѓутоа, потоа Вашингтон истакна дека во февруари неколку стотици војници ќе останат во корист на мировните напори за создавање безбедносна зона. 

САД, исто така, споменаа дека безбедносната зона нема да ги вклучи ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК. 

Иако датумот за повлекувањето помина, САД допрва треба да го намалат своето воено присуство во Сирија. 

Калин рече дека безбедносната зона „де факто“ е воспоставена од границата меѓу Турција и Сирија па сè до северниот сириски град Мунбич. 

Приоритет на Турција во Сирија е договорот за Идлиб да биде перманентен, истакна тој. 

По состанокот во септември минатата година помеѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Путин, двете страни се согласија да формираат демилитаризирана зона во Идлиб, Сирија. 

Според договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите каде што веќе се присутни, додека Русија и Турција ќе спроведуваат патроли со цел да се спречат повторните судири. 

„Нашите активности продолжуваат интензивно со цел ставање крај на војната и формирање на уставен комитет, како и обезбедување процес на политичка транзиција преку избори, врз основа на територијалниот интегритет и единство на Сирија“, рече Калин.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/