Истражување во Црна Гора: Пад на довербата на граѓаните во ЕУ

во категоријата Свет

ПОДГОРИЦА (AA) – Довербата на граѓаните на Црна Гора во Европската Унија е пониска во однос на крајот на минатата година за повеќе од пет проценти, а поголем е бројот на граѓани кои не се задоволни со работата на Владата во однос на оние што се задоволни, покажуваат најновите резултати од истражувањето на Центарот за демократска традиција (CEDEM), кои денес се претставени во Подгорица, јавува Anadolu Agency (AA).

Истражувањето кое е спроведено во период од 1 до 13 јули на примерок од 1.002 испитаници го покажа и падот на довербата на граѓаните во политичките партии ДПС и Демократите, додека од друга страна расте довербата во ДФ (Демократски фронт) и СД (Социјалдемократи на Црна Гора).

Милена Бешиќ, извршната директорка на CEDEM, рече дека истражувањето покажува дека 30 отсто сметаат дека Црна Гора оди по вистинскиот пат, 44,8 отсто сметаат дека оди по погрешен пат, додека 25 отсто немаат јасен став.

„Се намалува бројот на граѓани кои сметаат дека Црна Гора оди по вистинскиот пат, а се зголемува бројот на оние што сметаат дека Црна Гора оди по погрешен пат“, рече Бешиќ.

Таа напоменува и дека е поголем бројот на граѓаните кои не се задоволни со работата на Владата во однос на оние што се задоволни.

„Во однос на крајот на минатата година, дополнително е намален бројот на граѓаните кои се задоволни со работата на Владата“, рече Бешиќ.

Кога е во прашање довербата во институциите, најголема поддршка има системот за образование, 52 отсто, следуваат Српската православна црква 47,8 отсто и здравствениот систем 44,7 отсто. Најмалку доверба испитаниците имаат во Црногорската православна црква, 16,4 отсто.

Истражувањето ја опфаќа довербата во политичарите и политичките партии. Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, е на прво место со просечна оценка 2,44, на скала од 1 до 5. Следуваат лидерот на Демократите, Алекса Бечиќ, премиерот Душко Марковиќ и министерот за образование, Дамир Шеховиќ.

Кога е во прашање довербата во ЕУ, 58 отсто од испитаниците сметаат дека Црна Гора треба да биде во ЕУ, што е пад на довербата во однос на декември 2018 година, кога за влез во ЕУ беа 63,3 отсто од испитаниците.

Истражувањето го опфаќа и актуелното прашање околу црквата во Црна Гора.

Дека треба да постои само СПЦ (Српска православна црква), сметаат 46,6 отсто од испитаниците, додека 4,9 отсто веруваат дека треба да постои ЦПС (Црногорска православна црква). Вкупно 22,4 отсто од испитаниците сметаат дека треба да постојат и двете цркви, додека 20,7 отсто немаат став за ова прашање.



.(AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/