Илиќ повторно осуден на 6 години затвор, таткото на малиот Алмир: Ова е уште едно убиство

во категоријата Македонија

Ова е пресудата за случајот „Алмир“ на Основниот суд во Куманово. Судијката која постапуваше по предметот воедно донесе одлука, во конечната пресуда, на осудениот Бобан Илиќ да му се пресмета и времето поминато во притвор. Судијката Денкоска во текот на повторното изрекување на пресудата рече дека и при повторувањето на случајот, судот не мисли дека постои било каков доказ или факт кои би влијаеле на менување на првата пресуда.

Таткото на Алмир, Седат Алиу рече дека повторувањето на одлуката е уште едно убиство на неговото дете. Додава дека не е изненаден од одлуката бидејќи според него се гледа јасно дека овој суд работи против Албанците.

-Повторното судење е еден вид убиство за нас. Ние го очекувавме ова бидејќи знаеме како постапуваат Македонците со Албанците. Кумановскиот суд нема никаков интерес за Албанците кои живеат во Куманово, за разлика од Македонците. Целосно сме запоставени. Сега очекуваме од Апелација во Скопје. Ќе продолжиме. Ова денеска го очекувавме, знаевме дека повторно ќе има таква одлука-вели Алиу.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ вели дека одлуката била очекувана бидејќи како што рече, Основниот суд во Куманово во ниту еден момент не сменил ништо во текот на процесот. Алиспахиќ оцени дека станува збор за монтиран случај од кумановското обвинителство и Основниот суд на Куманово. Вели дека битката за правда ќе ја бараат во повисоките инстанци и судови надвор од земјава како што е Стразбур, доколку судовите не ги земат предвид нивните барања.

Адвокатот Ибрахим Бајрами рече дека доколку Основниот суд ги прифател тројцата сведоци предложени од одбраната, пресудата би се сменила.

-Овој предмет го оцрнуваат два моменти. Прифаќање на незаконски докази од страна на Обвинителството во разбирањето на експертите кои не поседувале валидна лиценца, и содржината на нивните вештачења  која е многу тенденциозна. Од друга страна  тука е и неприфаќањето на тројца сведоци предложени од наша страна кои биле очевидци и кои ќе ја потврдеа фактичката состојба, убиство со умисла и маршрутата на движење на вршителот на кривичното дело-вели Бајрами.

Предметот Алмир е вратен на повторно судење токму затоа што се откри дека експертите кои го правеле вештачењето биле со невалидна лиценца. Но, Кумановскиот суд повторно ги зема предвид овие вештачења и донесе иста пресуда со образложение дека иако експертите биле со невалидни лиценци, тие фигурирале во регистарот на Министерството за правда како законски експерти. Убиството на 4-годишниот  Алмир Алиу се случи на 25 јуни 2016 како последица на вербална расправија меѓу родителите на Алмир и Бобан Илиќ кој го прегази Алмир со својот автомобил.

РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: https://tv21.tv/