За обидот за пуч во Турција судовите покренаа 289 парници: Пресуди изречени во 265 судења

во категоријата Свет

АНКАРА (АА) – Судовите во Турција за обидот за воен удар, кој на 15 јули 2016 година го изведе терористичката организација ФЕТО, покренаа вкупно 289 постапки, од кои пресуди се изречени во 265 случаи, а судењата траат во уште 24 случаи, јавува Anadolu Agency (AA).

За предавничкиот обид за пуч во Турција обвинителствата спроведоа повеќе од 100.000 истражни постапки, а во судовите се подигнати вкупно 289 обвиненија.

Судењата се завршени во 265 случаи во кои се осудени вкупно 3.664 лица, вклучувајќи 2.260 осудени на доживотни казни затвор и 1.404 осудени на затворски казни во траење од една до 20 години.

Во завршените судски парници се ослободни вкупно 2.609 лица.

Меѓу осудените на доживотен затвор се наоѓаат и 1.206 осудени на повеќекратни доживотни затворски казни, вклучувајќи 17 осудени на по 141 доживотна казна.

На повеќекратна доживотна робија се осудени 71 поранешен генерал, 813 поранешни офицери и 172 подофицери кои учествуваа во крвавиот обид за пуч.

Судовите во Турција водат уште 24 парници во кои се суди на обвинетите за обидот за пуч.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.

Припадниците на терористичката организација, со години, местејќи ги испитите, напредуваа во службите, инфилтрирајќи се на тој начин и во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, низ наместени судски процеси, под обвинение за наводна корупција, припадниците на ФЕТО во Турција се обидоа да процесираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите на турската војска приврзани на таа терористичка организација започнаа обид за пуч.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја каде што е активна, на што во повеќе наврати укажуваа и турските официјални лица.



. (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: https://www.aa.com.tr/mk/