Заев ѝ честиташе на Република Северна Македонија – Мицкоски му порача дека е „готов“ (ВИДЕО)

во категоријата Македонија

Во првото обраќање пред јавноста, откако поминаа уставните амандмани, премиерот Зоран Заев им се заблагодари на пратениците и граѓаните кои го поддржуваат конечното решение на спорот со Грција. Тој, четири пати го употреби името Република Северна Македонија, при тоа најавувајќи економски прогрес и враќање на довербата во судството.

„Од денес влегуваме во сериозни економски и реформски иницијативи, кои се високо на нашата агенда за 2019. Да ги убедиме сите инвеститори кои се двоумеа дека имаат безбедна земја партнер, пријателска средина за бизнис и за нови работни места за нашите граѓани, рече премиерот, додавајќи дека нови инвеститори ја чекале вчерашната одлука, за да донесат своја одлука“ – рече Заев.

Сепак Заев не одговори дали тоа значи и крај на пазарењата, амнестии и компромиси за повисоката цел – ЕУ и НАТО. Наместо тоа тврди дека правниот систем ги покажал првите знаци за враќање на правдата.

„Во целата постапка, убеден сум дека може да се издигне како феникс нашиот правен систем, затоа што ги знам законите коишто ги донесовме и законите кои се во подготовка, а знам и дека не се доволни. Тоа зависи од секој поединец во правосудството. Ги охрабрувам да делат правда. Не треба да му учинат ништо на Заев или на власта, оваа или која било друга, рече Заев и повтори дека според доказите, секој што згрешил треба да одговара“ – одговори тој.

За Мицкоски пак, промената на името ја довелa Македонија на колена. Веднаш по Заев и тој оддржа прес конференција на која порача дека еуфоријата на власта е лажна, а насмевките на премиерот – присилни. Уште еднаш повика на избори тврдејќи дека Заев е „готов“.

„И тоа не само во поглед на името, туку и на економијата, уништеното здравство, неквалитетното образование, земјоделието. По капитулацијата на Заев со името, тој најавува нова капитулација, општествена, економска, политичка, образовна, здравствена, секаква. Истите лаги, ќе имало поголеми плати, фабрики, автопати, дрн-дрн, бла-бла, празни муабети“ – изјави претседателот на опозицијата.

Заев пак имаше конкретна порака до опозицијата. Тој ја повика ВМРО- ДПМНЕ да бараат од него исполнување на ветувањата и да го критикуваат, но без при тоа да ги опструираат евроинтегративните процеси. Слични пораки упати и коалициониот партнер Али Ахмети во писмена изјава испратена до медиумите. Според него, овој договор е епилог по 100 години од Париската мировна конференција.

„Но ова не е крајот, ова е само почетокот. Ова е крај на конфликтите, на недоразбирањата, на нејаснотиите, на непредвидливоста, ова е почеток на крајот на Париските последици од 1919 година. Би сакал да се заблагодарам на сите граѓани, на секој гласач, на секој активист, што ја делегираа нивната верба во нас да предводиме, да одлучиме. Им изразувам благодарност и на сите соработници и содејци, но и на владеачките партнери, заедно со пратениците на опозицијата кои што ни се придружија во овој тежок пат, но одлучен и прав правец“ – напиша Ахмети.

Одлуките за уставните измени и за измените на Уставниот закон уште денеска ќе бидат објавени во „Службен весник“, со што тие стапуваат на сила, а веднаш по објавувањето во Службен весник македонското МНР ќе испрати известување до грчкото МНР.

Христијан Баневски

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

ИЗВОР: https://1tv.mk/