Жителите на Љуботен разочарани: „Тутунот е наш, произведен со труд и мака“

во категоријата Македонија

„Тутунот го садиме во расадник. Таму треба да израсне 10-25 сантиметри, потоа го садиме на нива, во редови, правиме редови и ги садиме. Тогаш почнуваме и да го копаме. Па, потоа го собираме на крајот, потоа втората рака, третата, четвртата и така натаму“, вели Џезми Имери, жител на Љуботен.

Џезми од скопски Љуботен не се согласува со тврдењата на властите дека тутунот го увезуваат од соседните земји. Вели дека целиот труд вложен во текот на цела година, државата им го зема за еден ден. Според него, целиот тутун кој вчера беше запленет е производ на жителите на Љуботен.

„Тоа е нивна лага. Се чудам како не му беше срам да каже дека четири компании носат тутун во Љуботен. Зошто тие фирми не ги фаќаат кога увезуваат на црно, туку доаѓаат овде и ни го земаат лебот. Селаните стануваат во 3 часот наутро за да собираат тутун, го сушат и обработуваат, а тие доаѓаат на готово и го земаат“, изјави Имери.

За ова семе имате дозвола?

-Ова семе е наше, тоа е наша традиција,  со години го садиме.

Иако има повредена рака, Ќамил се уште копа тутун.

-Доаѓаат овде каде што го заработуваме лебот. Гледате колку сум испотен, 70 -80 степени е овде внатре.-вели Ќамил Алиу.

Тој вели дека видот на тутун  – Вирџина не се произведува во село Љуботен. Но, додава дека тоа што вчера го заплени полицијата е тутун произведен од селаните.

-Го собираат тутунот и го сушат. Тутунот кој вчера го земаа беше произведен во Љуботен, бидејќи тој од Финансиска полиција лажеше. Еве и овде, рече дека го купуваат семето, ова семе е наше, нека провери дали е тутунот од видот Вирџина или не-изјави Алиу.

Во текот на денешниот ден, претседателот на месната заедница Љуботен, Реџеп Мемеди имаше средба со директорот на Управата за финансиска полиција. По средбата, тој изјави дека конфискуваниот тутун ќе се проверува дали е произведен во земјата или во странство.

-Комисијата која ќе се формира специјално за ова, ќе проверува, доколку се заклучи дека тутунот не е тој што го барале, се надеваме дека истиот ќе биде вратен кај граѓаните. Директорот го кажа тоа што му го кажале експертите. Но понатаму ќе се види тоа што било илегално ќе остане таму а другиот дел се надеваме дека ќе им се врати на граѓаните-изјави Мемеди.

Оваа изјава е поинаква од таа на директорот на финансиска полиција кој вчера беше убеден дека тутунот е увезен од соседните држави. Инаку по налог на Финансиска полиција, вчера утрото во Љуботен се спроведе полициска акција во која беа конфискувани 12 тони тутун, под сомнение дека е увезен од соседните држави.

РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ

Извор: https://tv21.tv/