Дали е прекршен законот со директорите во Гостивар? – „Не сакаме да наштетиме на изборниот процес“, вели Адеми

во категоријата Македонија

Министерот за образование и наука, Арбр Адеми говореше за повлекувањето на одлуката за враќање на директорите во училиштата во општина Гостивар. Вели дека постапил така со цел да не му наштети на изборниот процес.

„Одлучивме да постапиме така само поради една причина  – да не се му се наштети на изборниот процес. Кога чекавме досегам ќе почекаме уште малку, иако правно можеме да се консултираме и со правници дека сѐ е во ред. Го кршиме законот доколку јас не постапам или некој градоначалник на општина, согласно второстепените одлуки“, изјави Арбр Адеми – министер за образование.

Но, дали МОН го прекрши законот кога во изборната кампања разреши и назначи функционери во јавни установи? Од Антикорупциска најавија истрага на случајот.

„Собираме нови елементи за случајот. Очекуваме Министерството за образование да ни ја достави документацијата. Потоа на наредната седница ќе отвориме предмет. Имаме многу предмети кои чекаат на ред“, велат од Комисијата за спречување корупција.

Околу враќањето на директорите, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека тоа е направено сега во предизборието, со цел да се обезбедат гласови за претседателските избори.

„Министерството за образование сигурно за да обезбеди гласови, ни ги одзема ингеренциите. Сега е период на избори, трае кампањата, и ова е скандалозно, во изборен период да се менува директор и да се назначува директор кој шестпати бил вршител на должност во мандатот на екс- градоначалникот на општина Гостивар“, изјави Арбн Таравари.

МОН досега двапати ѝ ги одзема надлежностите на општина Гостивар со делот на назначување и разрешување на директори. Потоа, Министерството разреши директори именувани од страна на Таравари, за да ги врати старите директори. Инаку според Законот за избори, Член 8, Став 2, не може да се почнува постапка за вработување на нови лица, или постапки за прекин на работни односи во државни и јавни институции, а отворените постапки се замрзнуваат.

РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ.КЛИМЕНТА

Извор: https://tv21.tv/