Градежниците бараат брзо носење на Законот за просторно и урбанистичко планирање

во категоријата Економија

Закон за просторно и урбанистичко планирање намерно се кочи од страна на институциите, обвинуваат градежниците. Градежната комора се жали дека неносењето на овој Закон дополнително ќе влијае врз забавување на градежната активност.

Од Комората денеска излегоа со апел да не се прават нови корекции во текстот, бидејќи тоа само ќе предизвика дополнителни проблеми на градежниот бизнис. Претседателот на Здружението на градежници Андреа Серафимовски вели дека институции и политички партии имаат намера преку поднесување амандмани, себично да интервенираат во законот.

„Најверојатно се чека Законот да помине во Влада и да дојде во Собрание и да се свестат одредени институции и да треба нешто да интервенираат во Законот. Давам апел, сите институции кои се загрижени за да добиеме нов Закон за градба, сега да го најдат своето место сега да интервенираат во Законот“, рече Андреа Серафимовски, претседател на здружение на градежници.

Забраната за нови градби во делови на Скопје драстично ги измести вредностите, вели Серафимовски. Доколку немаше мораториум прогнозите на градежната фела беа дека цените на новите, квалитетно изградени станови ќе растат без оглед во која општина се изградени, а старите станови ќе бележеа поголем пад на цените. На сила мораториуми за градба има во Општина Центар и Карпош, а според градежниот сектор многу тешко се стасува до градежна дозвола и во општина Аеродром.

„Градежните компании се помалку се охрабруваат да влезат во некаква инвестиција, увидувајќи на колку многу пречки наидовме во 2018та од секаков вид, и од институционален и од оперативен и од секаков. Се надеваме дека со завршувањето на мораториумите би се охрабриле и општините, а би се охрабриле и инвеститорите повторно да влезат во период на инвестиции“, додава Серафимовски.

Сепак, градежниците признаваат дека годинава нивниот сектор е поефикасен од 2018 година, која беше оценета како катастрофална за градежништвото. Во првите три месеци од годинава споредено со првиот квартал лани има зголемување од над 400 отсто на вредноста на договорените работи со странство. Лани немало воопшто договорена работа. На годишно ниво  во градежништвото е забележан раст на бројот на вработени од над седум отсто, а за шест проценти е регистрирано и зголемување на платите на работниците во овој сектор.

Иле Петревски

.

Извор: https://www.alsat-m.tv/mk