Гедеш ѝ донесе титулата на Португалија во Лигата на нации

во категоријата Спорт

Португалија е првиот освојувач на Лигата на нациите откако вечерва во финалето од сегментот А ја совлада Холандија со 1:0. Завршниот турнир на новото натпреварување на УЕФА се одржа во Португалија, а домаќинот го искористи тоа и со две победи стигна до трофејот и до наградата од 9,2 милиони фунти.

Во полуфиналето ја елиминираа Швајцарија, а вечерва со голот на Гонзало Гуедеш во 60. минута ја победија Холандија. Тоа беше убава акција по која Бернардо Силва го пронајде Гуедеш, а овој со шут од шеснаесет метри го совлада голманот Силесен. Холандија дури откако го прими голот тргна да го напаѓа голот на противникот. Но Португалците умешно ги прекинуваа сите напади на противникот. Всушност тие тешко губат пред своја публика, а воедно ја продолжија серијата без пораз од Холанѓаните на домашен терен.

Гуедеш го реализира првиот гол за националниот тим после една година. Последен пат стрелаше двапати во мрежата на Алжир во јуни минатата година.

Тоа е втор трофеј за Португалците во три години откако претходно триумфираа на ЕП 2016. Тогаш Едер ја донесе титулата за Португалците во финалето против Франција (1-0).

Инаку третото место на овој турнир го освои Англија која беше подобра од Швајцарија по подобро изведување на пеналите. По три часовна борба никој не постигна гол, па се прејде кон изведување на удари од белата точка, а „Гордиот Албион“ победи со 6:5. Интересно, голманот Џордан Пикфорд даде гол од пенал, а потоа одбрани еден за конечна победа.

Извор: https://sportmedia.mk/